892 ПМ10 честички во Велес – екстремното загадување стигна, како и старите препораки на властите

Екстремно загадување на воздухот во Велес утрово покажуваше мерната станица на Министерството за животна средина. Од 660 во 9 и 10 часот, во 11 часот аерозагадувањето во градот пораснало на огромни 892 микрограми ПМ-10 честички на метар кубен, за на пладне загадувањето да падне на нула.

Загадувањето со ПМ-10 честички регистрирано од мерната станица „Велес 2“ во последните 24 часа

Загадување над максималната граница во 12 часот има и во Тетово (132 ПМ-10 и 127 ПМ-2,5 суспендирани честички), Кавадарци (76 ПМ-10), Кочани (63), додека сите мерни станици во Скопје регистрираат загадување над или околу дозволеното ограничување на ПМ-10 честички.

Минатава недела, со падот на температурите и промена на временските прилики започна нагло да расте загадувањето. Во скопската околина најголеми пикови на загадување регистрираа мерните станици Ректорат, Лисиче и Карпош.  Куманово и Кавадарци биле најзагадени во источната зона, додека во западната зона највисоко загадување имало во Битола, по што следуваат Тетово и Кичево.

Министерот за животна средина, Садула Дураку, за денес најави објава на владини мерки против аерозагадувањето, посочувајќи дека тие ќе бидат „скапи за државата“, но дека во Владата и Министерството се подготвени да ги преземат и да ги предвидат во државниот буџет.

Со препораки до граѓаните и институциите излегоа од Град Скопје со, стандардното за овие периоди, упатство за користење јавен превоз, избегнување на непотребно користење возила и препораки да не се користат отпадни материјали, гуми и пластика за огрев, како и зголемување на инспекциските контроли, зачестено чистење на улиците и одложување на јавни собири, спортски и културни настани на отворено.

Градоначалникот на Петре Шилегов денес најави, дека во соработка со МВР, ќе иницираат законски измени за еколошко мапирање на возилата, со посебна налепница, при вршењето  технички преглед.

„Очекувам дека тоа ќе можеме да го сработиме и во законска форма и дека до крајот на годината ќе помине пред Собранието на Република Македонија. До крајот на другата година би можеле да ги имаме мапирано возилата, во еколошка смисла, на територија на цела држава. И така административно да го забрануваме сообраќајот за возилата – загадувачи“, посочил Шилегов, пренесе МИА.

Шилегов уште еднаш го повторил скалестото зголемување на цената на паркинг, поврзана со намалување на цената на јавниот превоз во деновите кога е критична загаденоста на воздухот и гасификацијата на градот, како среднорочна мерка за намалување на аерозагаденоста од домаќинствата.

Скопјани годинава веќе дишеле загаден воздух меѓу 79 и 139 денови

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, најави малку поконкретни мерки, како забрана за градење во месеците на високо аерозагадување, вертикални зелени градини и кула за прочистување на воздухот. Се договара и ослободување на тротоарите од паркирани возила во Дебар Маало, а се разгледува и можноста за поскапување на паркингот во центарот на градот (кое нема да важи за жителите на Центар) како начин за стимулирање на јавниот сообраќај.