ЗНМ: СЈО нема да го гони Божиновски за издавање државна тајна

На денешното рочиште за случајот „Шпион“, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) повлече дел од обвинението против новинарот Зоран Божиновски, кое се однесува на делото издавање државна тајна, информира Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

„Причина за тоа е што во барањето за екстрадиција на Божиновски од Србија во Македонија, не било наведено и ова кривично дело. Според домашното законодавство, лицето што се екстрадира може да одговара само за наводите кои се наведени во барањето за екстрадиција. СЈО остана на обвинението што се однесува на злосторничко здружување, уцена и шпионажа“, соопштува ЗНМ.

Од таму потенцираат дека Божиновски го повторил барањето за судот да му го врати пасошот, меѓутоа од Судот му одговориле дека сè уште нема донесено одлука по тоа прашање.

„Продолжувањето на рочиштето е закажано за 20ти септември и ЗНМ судењето ќе го мониторира до крај“, се вели во соопштението на ЗНМ.