ЗНМ реагира на одлуката за Кежаровски: Ова не оди во прилог на новинарството, ниту на правната држава

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) е незадоволно од решението на Основниот кривичен суд во Скопје, кој одлучи дека настапила застареност на делото според кое новинарот Томислав Кежаровски беше осуден пред шест години во предметот „Ликвидација“.

ЗНМ смета дека ваквиот развој на настаните не оди во прилог ниту на новинарството, ниту пак на правната држава во целост.

„Истовремено, револтирани сме поради фактот што во минатите години, во многу наврати, Здружението бараше од Основното јавно обвинителство да го повлече обвинението против Кежаровски, откако Врховниот суд го врати неговиот предмет на повторно судење. Со оглед на тоа што предметот беше вратен на повторно одлучување, го повикавме и Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинението, со што колегата Кежаровски ќе беше прогласен за невин, а со тоа ќе се демонстрираше на дело дека во оваа држава слободата на говорот е загарантирана како основно човеково право. За жал ниту една од институциите не покажа разбирање и разумност по однос на овој предмет“, соопштува ЗНМ.

Од Здружението сметаат дека штетите од овој предмет се огромни за државата. Потсетуваат дека Северна Македонија беше одбележана како една од единствените земји која имаше новинар во затвор, беше посочена како неслободна земја во која не се почитуваат новинарските права и слободи.

„Ваквите примери на праксата на правосудните органи кои за жал не успеваат да ги заштитат новинарите не придонесуваат кон лошата перцепција што ја има судството“, велат од ЗНМ.

За ова, потенцираат, веќе подолго време земјава трпи критики во сите релевантни меѓународни извештаи. Во извештајот на Европската комисија за државата се вели дека органите за спроведување на законот и Јавното обвинителство треба ефективно да ги следат сите инциденти против новинарите.

Старите случаи на најсериозните физички напади врз новинарите не се решени поради, како што велат, непрофесионално однесување во истрагите.

„Последиците од ваквиот расплет на настаните за колегата Кежаровски се огромни. Пред се, нарушено му е здравјето, но и честа и угледот на новинарот. За овој проблем, Здружението на новинарите на Македонија ги извести сите релевантни меѓународни организации. Дополнително, ќе испратиме известување и до претставниците на меѓународната заедница каде ќе изразиме загриженост и ќе побараме одговорност од сите надлежни органи кои постапуваа по овој предмет“, стои во реакцијата на ЗНМ.