ЗНМ: Остра осуда за нападот врз новинарската екипа на МИА

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) упати остра осуда за денешниот напад врз екипа на Медиумската информативна агенција (МИА) која професионално известуваше за протестот поврзан за случајот ,,Монструм”.

Од ЗНМ велат дека според кажувањата на колегите од МИА имало обид да им се одземе опремата и турканици, при што снимателот бил турнат, а неговата опрема оштетена.

„Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите не е дозволив во демократски земји“, додаваат од ЗНМ.

Од Здружението потсетуваат дека неказнивоста на нападите и медиумските работници може да поттикне посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните.

За нападот реагираа и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) кои покрај овој случај реагираа и за другиот инцидент во кој новинар на весникот Слободен печат бил спречен да ги извршува своите задачи од страна на полициски службеници во цивилна облека.

Според Синдикатот полицајците го извлекле на страна новинарот, му ја свиткале раката, безобразно и дрско се однесувале кон него и не го пуштиле додека не го избрише снимениот материјал со изговор дека ги снимал полицајците во лице.

„ССНМ смета дека ваквото однесување на полициски службеници е недозволиво и бара остра и ефективна реакција во изнаоѓање и казнување на полицските службеници кои го оневозможиле новинарот на Слободен печат да си ја извршува својата работна задача. Истовремено, бараме од надлежните државни органи да ги пронајдат и казнат насилниците во врска со нападот врз екипата на МИА. ССНМ силно протестира против ваквите инциденти бидејќи напад врз новинарите и медиумските работници е напад и врз слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните“, стои во реакцијата на Синдикатот.