ЗНМ: Нападот врз Беловски оркестриран од структури на МВР

Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува физичкиот напад врз новинарот на телевизија Телма Павле Беловски, кој вчеравечер пред Министерството за внатрешни работи беше нападнат со тупаници и клоци од лице со криминално досие, додека известувал за увидот на Специјалното јавно обвинителство во Управата за безбедност и контраразузнавање за аферата за прислушување.

„Нападот на новинарот Беловски е смислен атак врз слободата на медиумите оркестриран од одредени структури на МВР, кои сакаат да ги одвратат новинарите да известуваат за нивните опструкции на истрагата на СЈО. Дали инспираторите на синоќешниот напад се истите структури на МВР кои во исто време прават опструкции врз истрагата на СЈО во УБК и дали истите структури стојат зад досегашните нерасветлени напади врз новинари? Јалови се обидите преку напади и заплашување на новиари да се попречи и избегне правдата“, велат од Здружението.

Тие го поздравуваат брзото приведување на насилникот и бараат од МВР случајот да се расветли до крај и да поднесе кривични пријави против насилникот и неговите инспиратори.

„Го посетуваме министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека помина една година откако даде јавно ветување дека ќе работи на расветлување на сите напади против новинари. ЗНМ досега има регистрирано 35 напади против ноцвинари. Ниеден од нив не е расветлен, ниту пак некој од насилниците е казнет“, велат од ЗНМ.

Од Македонската асоцијација на новинари, пак, бараат надлежните најитно да го решат случајот, бидејќи како што велат, ова е напад врз слободата на изразување и новинарската фела. Слични реакции досега упатија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија.

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), исто така, го осудува нападот врз новинарот и смета дека со таквите инциденти и опструкции сериозно се загрозува слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана.
„Тоа што се случи во текот на вчерашниот ден е уште еден доказ дека ситуацијата е загрижувачка и ги открива тенденциите да се попречува работата на новинарите во известувањето за прашања од јавен интерес. За СЕММ е целосно неприфатливо на каков и да е начин да се спречува  професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од какви било закани и притисоци.
Насилството врз новинарите и медиумските работници е сериозен проблем, за кој е потребен системски и координиран одговор од надлежните институции. Апелираме до нив да ги преземат соодветните мерки за целосно расветлување и расчистување на овој инцидент. Решавањето на случаите од овој вид ќе го обесхрабри повторувањето на ваквите чинови на насилство и притисоци врз  медиумите“, стои во реакцијата од СЕММ.