ЗНМ и ССНМ бараат СДСМ да им го достави нивниот предлог за Законот за медиуми

Синдикатот на самостојни новинари во Македонија и Здружението на новинари ја осудуваат медиумската „хајка и црна кампања“ против европскиот посредник Питер Ванхауте, во врска со последните предлози на СДСМ за медиумските реформи. Тие бараат СДСМ да им го достават нивниот предлог, и со тоа секој да каже за што точно се залага во преговорите за медиумите.

Двете медиумски организации велат дека цврсто го поддржуваат секој предлог што е во насока на департизацијата на Агенцијата за медиуми и на јавниот сервис, и на почитување на општите стандарди во новинарството и во етиката во професијата.

„Сметаме дека принципиелните насоки презентирани од посредникот Питер Ван Хауте беа во тој дух и затоа ги поддржуваме. Но, сега е време да се видат конкретните амандмани за да можеме како медиумска заедница да се изјасниме за нив“, изјави претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис.

Според претседателот на ЗНМ Насер Селмани, неодговорното однесување на двете најголеми партии не помага да се најде квалитетно решение за медиумските реформи.

„Со лаги и подметнувања, двете партии не можат да ја сокријат нивната одбивност кон вистински реформи во медиумите.  Уште еднаш повторуваме, дека предлогот на СДСМ, кој беше доставен неделава, во битни делови се разликува од предлозите на Ванхауте. СДСМ и нивните лоши предлози за медиумите сака да ги препише на посредникот“, истакна Селмани.

Тој рече дека ваквото подметнување го покажува неискрениот однос на СДСМ за вистински медиумски реформи.

„Одлучно сме против идејата на СДСМ, новинарската етика да се регулира со закон, да се казнуваат медиумите со глоби за прекршување на новинарската етика е недемократска практика. Во демократски земји примената на демократските стандарди се регулира со саморегулација во медиумите“, додава Селмани.

Селмани вели дека овие предлози остануваат во нацрт-форми се додека не се најде соодветно решение. Сепак, нагласи дека за ССНМ и ЗНМ е неприфатливо да се препише туѓ закон за медиумите.

„Во Македонија, и новинарите, и јавноста, не разбираат дека медиумските системи се одраз на политичкиот систем. Не можете политичкиот систем во Велика Британија да го пресликате во Македонија. Ние во Македонија имаме специфични проблеми. За тие проблеми треба да најдеме решенија кои на некој начин ќе бидат базирани на најдобрите практики на ЕУ“, рече Селмани.

На вчерашните преговори со партиите во врска со предлогот на СДСМ за медиумите, Ванхауте изјави дека не е добра идејата земјата да препише европски закон за медиумите, бидејќи Македонија имала поинаков менталитет и медиумите овде не можеле да се споредат со медиумите во другите земји.

На оваа изјава, денеска реагираше и Македонската асоцијација на новинари – МАН, според кои изјавата на Ванхауте е расистичка и претставува говор на омраза.

„Го потсетуваме посредникот Ванхауте дека прогласувањето на една нација за инфериорна во однос на други нации е расизам, односно говор на омраза, и бараме оние кои го пратиле во Македонија да се оградат од неговата изјава, и истата да ја осудат. Со оваа изјава на посредникот Ванхауте се повредуваат демократските стандарди и правни акти на Европската унија и државите членки на Унијата“, се вели во реакцијата на МАН.