ЗНМ го поздрави укинувањето на владините реклами

Здружението на новинарите на Македонија ја поздрави владината одлука за трајно да ги укине владините реклами во сите медиуми, со што според ЗНМ, ќе се прекине коруптивната врска меѓу власта и медиумите.

„Укинувањето на рекламите ќе ги ослободи медиумите од финансиската зависност од владата, која во изминатиот период стана еден од најголемите огласувачи во медиумите. Со тоа, таа ги претвори медиумите во пропагандна машинерија и спречуваше било каква јавна критика.

Веруваме дека без владини реклами ќе се воспостави нормален медиумски пазар, кој ќе обезбеди поголема финансиска и професионална слобода на медиумите. Иднината на медиумите треба единствено да зависи од подобрувањето на квалитетот на новинарската содржина,  со што ќе се врати довербата на граѓаните и огласувачите“, се наведува во соопштението на ЗНМ.

Во однос на најавите пак дека во иднина целата комуникација со граѓаните ќе оди преку јавниот радиодифузен сервис, укажуваат дека Владата треба да биде транспарента кон сите медиуми, а не само кон МРТ.

„Обврска на владата е да ги прави достапни сите информации од јавен карактер, а од МРТ и приватните медиуми зависи на кој начин тие ќе бидат презентирани. Уредувачка независност на медиумите треба да биде почитувана“, додаваат од ЗНМ.