„Златните глобуси“ отидоа кај „Зелената книга“, „Боемска рапсодија“ и „Рома“

Предвесниците на „Оскарите“, „Златните глобуси“ синоќа беа доделени на церемонија во Лос Анџелес, каде според американските медиуми имаше неколку изненадувања. Во мејнстрим светот како еден од кандидатите одекнуваше филмот „Ѕвездата е родена“, или пак политичката приказна за заменикот на Буш, „Вајс“ (Vice), филм што држеше шест номинации.

Сепак, наградата за најдобар филм – драма отиде кај „Боемска рапсодија“, кој просечно помина кај критиката, а главниот протагонист Рами Малек ја доби наградата за најдобар актер за толкувањето на Фреди Меркјури.

Рами Малек (средина)

Најмногу, три статуетки зема комедијата-драма „Зелената книга“ на Питер Фарели. Приказната за патувањето и пријателството меѓу човек со „голема уста и цврсти тупаници“ од работничката класа и афро-амрикански пијанист, доби „Златен глобус“ за најдобар филм во категоријата комедија или мјузикл, но и за најдобро сценарио и споредна машка улога за Махершала Али.

Најдобар режисер е Мексиканецот Алфонсо Куарон за филмот „Рома“ (Roma) кој е прогласен и за најдобар странски филм. „Рома“ е црно-бело остварување што остави белег на светската филмска и фестивалска сцена во изминатиов период, а се очекува да пројде добро и на „Оскарите“.

Алфонсо Куарон

Во категоријата најдобра актерка славеше Глен Клоус за „Сопруга“ (The Wife). Кристијан Бејл (Vice) е најдобар актер, а Оливија Колман (The Favourite) зема „Златен глобус“ за споредна женска улога.

Кај телевизиските награди, најдобра драма е серијата „Американци“ (The Americans), а комедија „Методот на Комински“ (The Kominsky Method).

Ричард Мејден („Bodyguard“) и Сандра О („Killing Eve“) добија награди за најдобри актери во драмски остварувања, а Мајкл Даглас („The Kominsky Method“) и Рејчел Броснахан („The Marvelous Mrs. Maisel“) во комедија или мјузикл.

Во музичкиот дел, „Златен глобус“ за најдобра песна доби „Shallow“ од филмот со Лејди Гага и Бредли Купер, „Ѕвездата е родена“, а наградена беше и филмската музика за „Првиот човек“.

„Spider-Man: Into the Spider-verse“ доби признание за најдобар анимиран филм, победувајќи ги „Ralph Breaks the Internet“ и „Isle of Dogs“.

„Златен глобус“ за животно дело, кој го носи името на Сесил Б.ДеМил, доби Џеф Бриџис.

Целата листа на добитници може да ја видите ТУКА.