Златна малина 2017: Zoolander 2 „ги води губитниците“ со девет номинации

Еден ден пред да се објават номинациите за Оскарите, објавени се номинациите за најлошите филмови на годината – Златна малина.

Оваа година пресметката за „победникот“ е меѓу Zoolander 2 и Batman v Superman: Dawn of Justice.

Сатирата која ја исмева индустријата на високата мода и во која се појавуваат голем број на познати личности има дури девет номинации, меѓу кои најлош актер за Бен Стилер и најлоша споредна улога за Овен Вилсон и Вил Фарел. Batman v Superman заостанува со само една номинација помалку. Бен Афлек и Хенри Кавил „се борат“ за наградата најлош актер, а Џеси Ајзенберг е номиниран на листата за најлоша споредна улога.

Неочекуван филм меѓу номинираните, каде вообичаено има само најлоши филмови од комерцијалното кино, е пропагандниот документарец Hillary’s America: The Secret Story of the Democratic Party, во кој Динеш Д’Суза е номиниран за најлош актер и режисер.

Организаторите на овогодинешните награди, кои се 37-ми по ред, велат дека 2016 година била „исклучителна година за ужасни филмови“.

„Бербата на филмски глупости годинава беше толку голема, што наградите годинава се прошируваат од вообичаените пет номинирани, на шест, број без преседан“.

„Победниците“ ќе бидат објавени на 25 февруари. Комплетната листа на номинации може да се најде овде.