Жоао Салавиза, лауреатот од Венеција и Берлин, денеска во Битола

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ денеска ќе биде домаќин на лауреатот од Берлин и од Венеција, младиот португалски режисер Жоао Салавиза.

„Честа е голема бидејќи токму ИФФК „Браќа Манаки“ е вториот фестивал во светот каде е прикажан неговиот долгометражен филм „Планина“, веднаш по премиерата на филмскиот фестивал во Венеција. Со синоќешната презентација воедно почна програмата „Нов европски филм“ која е фестивалски новитет во оваа година“, информираат од ИФФК „Браќа Манаки“.

Според богатата програмата во текот на денешниот ден на неколку сцени ќе бидат емитувани повеќе филмски остварувања, а меѓу нив и македонски производи и копродукции во кои учествуваат македонски филмски работници. Во рамките на програмата „Нов европски филм“ ќе биде емитуван филмот „Банат“ – италијанско, романска, бугарска и македонска продукција, а во рамките на програмата „Макпоинт“ ќе бидат емитувани документарецот „Вања – со маки сум се родила“ во режија на Синиша Ефтимов и „Децата на мојот татко“ во режија на Бесфорт Имами.

Вечер од 19 часот во салата на Битолскиот театар во рамките на програмата „Специјални проекции“ ќе биде емитуван македонскиот трилер „Карма“ во режија на Владимир Митревски.