Животот во Лондон раскажан преку фотографии од автобус

Во неговиот фото серијал Last Stop, George Georgiou документира впечатливи „микро-драми“ низ Лондон од иконичните двоспратни автобуси кои патуваат низ градот.

Повеќе од 10 години, George Georgiou претежно живеев во својот автомобил. Фотографот е роден во Лондон, во семејство на Грк од Кипар и неговата сопруга, фотографката Vanessa Winship. Тројцата патувале низ Украина, Грузија, Турција и САД, правејќи фотографии секаде каде што биле.

Пред три години, Georgiou решил да се врати дома. Се сместил во Фолкстон, близу до тунелот Ла Манш. Враќајќи се во родниот Лондон, се качил во еден од градските црвени автобуси.

Набљудувајќи низ прозорецот, вели, го воодушевила „длабоката состојба на константен флукс“ на неговиот роден град. Секогаш го нарекувал Лондон свој дом, но тогаш едвај ги препознал новите нешта во градот, гужвите кои не престануваат, новите домови, разџагорените минувачи.

„Лондон одеднаш стана најинтернационалното место на светот“, вели Georgiou. „Се отвори за луѓе кои немаат наследство или врски со Лондон, кои сакаат да го направат ова место нивен дом. Тоа што гледав толку многу луѓе како живеат заедно, и функционираат добро, за мене беше многу моќно. Сфатив дека за многу луѓе, Лондон беше последната станица, крајната дестинација на долго патување, Светиот грал на западниот сон“, вели тој. „Сакав да се обидам да го сфатам тоа, начинот на кој луѓето го делат градот, секојдневното движење во него, ритамот и ритуалите“.

Така се родил проектот Last Stop. Оваа фотографска документација на Лондон, направена од перспектива на легендарните градски автобуси, е јавно финансирана.

Кога пристигнал во Лондон од јужниот брег, Georgiou се качил на првиот автобус кој му го привлекол вниманието.

„Сакав да го истражам целиот град, од центарот до предградијата. Исток, запад, север и југ“, вели фотографот.

Поминувал и до 12 часа дневно возејќи се од првата до последната станица на разни автобуски линии.

„Понекогаш се случуваше да видам дестинација за која не сум слушнал претходно, или ја знаев само како име напишано на мапа“, вели. „Мојата љубопитност секогаш ме тераше да го изберам тој автобус и да стигнам до крајот на линијата“.

Седнувајќи на било кое слободно седиште, зјапал со фотоапаратот во скутот, чекајќи субјект за фотографирање.

Georgiou почнал да ги перципира своите фотографии како „микро драми“. Секоја овековечува богат момент во животот на еден странец, уловен по случаен избор при движењето на автобусот.

„Гледав минијатурни сцени кои изгледаат како да се извадени од сапуница. Мала интеракција или динамична сцена, прегратка, караница, поглед на една мајка, или момент на комплетна осаменост. Почнав да измислувам приказни за луѓето кои ги фотографирав“, раскажува за ВВС.

Во неговите дела има елемент на воајеризам, одредена експлоатација на приватните моменти кои се одвиваат на јавни места.

„Но, овој воајерски аспект е клучен за искуството од градот. Во градот секогаш гледаме во животите на другите луѓе. Сите го правиме тоа, но овој воајеризам е она што го прави животот во градот толку убав – сите тие луѓе и бескрајните наративи и драми. Затоа го сакам ова доживување од Лондон, овие мали, случајни средби, микро драми уловени од далечина, кои ни овозможуваат да ги исполниме празнините“, смета уметникот.

После успешна кампања на Kickstarter, Georgiou го објавил проектот Last Stop независно, продавајќи копии преку неговата веб страница.