Женската страна на борбата за климатска акција

Жените најчесто се соочуваат со повисоки ризици и поголеми оптоварувања од влијанието на климатските промени, во ситуации на сиромаштија и поради постоечките улоги, одговорности и културни норми, укажа истражување на Обединетите Нации направено со BBC.

Ова може да се промени ако се инвестира во родова еднаквост и зајакнување на жените кои даваат придонес во зачувувањето на животната средина. Покрај ова, истражувањата покажуваат дека земјите со висока застапеност на жените во парламентот имаат поголема веројатност да ги ратификуваат меѓународните договори за животна средина.

На 8 март, денот кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, Радио МОФ споделува неколку пораки од активистки кои се борат за подобра клима.

Симона Гетова, активистка

Живееме во патријахален капиталистички систем каде еколошката, економската и социјалната криза се длабоко испреплетени и се зајакнуваат една со друга. Па така, справувањето со климатската криза неопходно е да биде интерсекционално и холистичко. Промените кои не само земјава, туку и глобално мора да се направат се од невидени размери, но ова е исто така неверојатна можност за градење на еден праведен, одржлив, грижлив свет. Ниту една климатска акција или политика, било на национално или на меѓународно ниво, не е праведна доколку не се справува соодветно со класните разлики во општеството и со непропорционалното влијание на кризата врз маргинализираните заедници. Системот кој ги има предизвикано, ги одржува во живот и ги мултиплицира неправдите и повеќекратната криза во која живееме денес, е систем кој се потпира на неплатениот и „невидливиот” труд на жената. Ова е случајот како во домот и при грижата со младите и старите лица, така и на работното место; па дури и во многу прогресивни граѓански движења. Жените се несомнено носители на борбите кои ги водиме денес, со нашата историска наклонетост кон грижа за нашите заедници и кон Мајката Природа.

 

Елена Николовска, Еко-свест

Фосилните горива имаат направено премногу штета за климата. Трагично е што продолжуваме да го одолговлекуваме прекинот на употребата на фосилни горива со изговор да не изгубиме работни места, кога толку многу нови зелени работни места се отвараат со премин кон обновливи извори на енергија и алтернативен економски развој. Праведната транзиција мора да започне и да ги вклучи сите засегнати. Пред тоа ќе мора да поработиме и на енергетската ефикасност на домовите. Во сите овие процеси жените имаат клучни улоги, особено на локално ниво. Жените во синдикатите се грижат и за квалитетот на иднината на децата, жената носи клучни одлуки за реновирање на домот и дали и колку ќе биде енергетски ефикасен. Имаме моќ да бидеме носители на промени во општеството кои ќе ги запрат последиците од климатските промени.

 

Јана Наскова, Fridays for Future

Државата треба да направи детален  план за справување со ефектите на климатските промени, и преминување на обновливи извори на енергија (на пример соларна).

Оваа борба не познава род, и сите треба да се вклучиме во ова. Сепак, вреди да се спомене дека токму основачот на нашето движење, Fridays for Future, Грета, е жена.

 

Павлина Здравева, раководителка на проекти за климатски промени во УНДП

Мојата порака е дека секој има обврска да даде учество и придонес во приказната наречена климатски промени. Особено затоа што климатските промени влијаат на секој аспект од нашиот живот но и зависат од нашите секојдневни навики и нашето однесување.  Институциите имаат одговорност во усвојување на соодветни политики, и во нивна делумна имплементација, но и индустриите и сите ние како граѓани треба одговорно да учествуваме во имплементирање на тие политики.

 

 

Емилија Петреска