Жени во Индија со селфи против политичарот кој смета дека по полноќ нивното место е дома

Жени од Индија постираат слики од себе како се излезени по полноќ со пркосни пораки, откако политичар маж изјавил за жена која била следена во нејзиниот автомобил од двајца мажи не требала да биде излезена „толку доцна во ноќта“.

Варника Кунду рекла дека била следена и скоро киднапирана од двајца мажи додека се возела дома по полноќ во Чандигарт викендов. Во објава на Фејсбук, таа вели дека двајцата демначи ја следеле во нејзиниот автомобил неколку километри пред да им го пресечат патот и да им пријдат до возилото пеш, тропајќи на прозорите, обидувајќи се да влезат.

„Изгледаа како навистина да уживаат да вознемируваат осамена девојка доцна навечер, судејќи по тоа колку често нивниот автомобил го менуваше правецот, доволно за да се уплашам дека можат да ме удрат“, напишала Кунду, пренесува Гардијан.

Таа додала и е среќна што не се нашла „силувана или убиена во некоја дупка“.

Рамвер Бати, локалниот заменик-претседател на Партијата Баратија Џаната (БЏП) за инцидентот изјавил дека не би се случел доколку девојката не била излезена толку доцна навечер.

„Девојката не требала да биде надвор на полноќ. Што барала да вози толку доцна во ноќта? Атмосферата не е добра. Мораме да водиме грижа за себе“, изјавил тој.

„Родителите мора да се погрижат за нивните деца и да не ги оставаат да талкаат навечер. Децата треба да дојдат дома на време, зошто да останат надвор ноќе?“, цитиран е во изјава Бати од весникот Тајмс оф Индија.

Неговите коментари предизвикаа силен одговор од младите жени на Твитер, кои објавуваа слики од себе како се излезени после полноќ под хаштагот #AintNoCinderella (Не сум Пепелашка).

„Драга регресивна Индија. Ќе постапувам како што сакам, ден или ноќ. Немој да помислиш дека имаш право да ме сопреш“, стои во еден од коментарите, додека друга девојка пишува: „Упс 01:45 по полноќ и јас сум на улиците на Делхи во краток фустан. Сопри ме ако можеш!“.

„Доколку сум надвор после полноќ тоа не значи дека треба да бидам силувана, малтретирана, следена. Моето достоинство е мое право 24/7“, стои во друга објава на твитер корисничка.

Говорејќи за НДТВ, Кунду и нејзиниот татко ги отфрлиле критиките за нејзината одлука да биде излезена сама толку доцна навечер. Кунду изјавила дека коментарите биле дел од „добро воспоставената тактика“ дизајнирана да ја заплашат да се повлече.

„Треба да се сомневам околу тоа како сето ова ќе ја промени мојот имиџ и мојот живот. Но, што ќе ми направеа оние момци доколку ме фатија? Што правам и каде одам и во кое време е само моја работа“, рекла таа.