Зголемен интерес за органска храна, мал број фармери за нејзино производство

Во Македонија се регистрирани 500 фармери за органско производство. Најмногу се за житни и градинарски култури на вкупна површина од 3.000 хектари. Сепак, овие бројки се премалку во споредба со можностите и потребите на домашниот, а уште повеќе на странските пазари за здравата органска храна.

На предавањето во Кривогаштани на тема „Состојба и перспективи за органско производство во Македонија-Производи за заштита на растенија“ беше потенцирано дека наспроти зголемениот интерес за снабдување со органски производи, мал е бројот на земјоделци кои продуцираат органска храна.

Државата преку Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и низа регулативи поттикнуваа развој на органското производство, при што, финансиската поддршка на име субвенции е поголема за 50 отсто, но распространетоста на органско фармерско производство и натаму е недоволна со оглед на побарувачката на пазарот.

Од компаниите кои обезбедуваат средства за заштита на растенија велат дека интересот се зголемува, но основен предуслов е цената на препаратите која е повисока во споредба со конвенционалните.

Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи, нагласи дека минатата недела во рамките на „Зелена недела“, која се одбележува во целиот свет од организациите на потрошувачи, ја објавиле новата веб страница: www.organskisvet.mk, со која сакаат да го истакнат поволното влијание на органската храна врз здравјето и животната средина.

„Целта ни е органските производи се почесто да се користат. Бараме националната ознака на органските производи да биде повидлива на производите со цел да се попрепознава од потрошувачите, а бројот на производители на оваа храна во Република Македонија да се зголемува“, рече Лончар Велкова.

Инаку, 16 Октомври е познат како Светски ден на храната, кој беше одбележан во „Веро центар“ во Скопје од Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Организацијата на потрошувачи во Република Македонија и оператори со храна од земјава.

„Сакаме да ја подигнеме тенденцијата кон купување производи и храна произведени на традиционален начин, храна со повисок квалитет, повкусна, побогата со хранливи материи. Традиционалната храна е поврзана со единствени рецепти на нашите мајки и баби. Традиционално преработената храна е дел од културниот идентитет на нашата заедница“, рече директорот на Агенција за храна и ветринарство Зоран Поповски.