„Зелени идеи” – натпревар за граѓани со идеја за зелен и одржлив бизнис

Здружението за социјални иновации „АРНО“ го објави новиот повик за аплицирање на натпреварот „Зелени идеи”, за сите граѓаните кои сметаат дека имаат идеја за зелен, одржлив бизнис. Аплицирањето трае до 10 април, а пријавите за натпреварот и сите информации се достапни на веб-страница: https://zeleniidei.mk/.

Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата победници на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идејата во својата држава.

Од АРНО информираат дека препознавајќи го потенцијалот и улогата на зелените бизниси во развојот на националната економија, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) повторно ќе додели ваучер за  патување на дополнителен промотивен настан во странство на првопласираниот национален победник. Во духот на повеќегодишната соработка и поддршка на развојот на зелената и социјалната економија, пак, трите национални победнички идеи и оваа година ќе добијат вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000″.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар којшто поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во нашата земја и во Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворица победници од регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идејата во својата земја.

Досега, во нашата земја се инвестирани 60.000 долари во шест македонски победници на регионалните натпревари: Кооперативата на органски потрошувачи „Наша добра земја”, фирмата за репарирање и реупотреба на стар мебел „СПИН”, Еко-магионичарот Кристијан Шопов, стартапот „Храна за сите“ Challenger- мобилна апликација што ги наградува сите еколошки одговорни корисници и био смарт ориз (ориз добиен преку иновативни еколошки практики) на кооперативата „Оризова братимка”.

Терминот „зелени идеи“ пак означува идеи кои придонесуваат кон животната средина, кои користат ресурси од локалната заедница и кои придонесуваат кон одржлив развој (интеграција на локалните, економските, социјалните и еколошките потреби и приоритети на заедниците).