„Зелена Алтернатива“: Конференцијата во Виена отвора можност да се менуваат правилата за канабисот  

Следнава година, телото на Обединетите Нации (ОН) за контрола на дроги ќе го ревидира канабисот – кои правила би важеле за растението. Држави, граѓанското општество и влијателнителни организации даваат предлози до ОН како би можел да се уреди канабисот. Не се работи само за медицинска или за рекреативна употреба, туку и за одгледување, за земјоделство, агрикултура, разни индустрии, прехрана, односно сите потенцијали кои ги нуди канабисот. Значи, во поглед на човечки права и потреби, бидејќи ова не е производ кој треба да се гледа само низ призма на корпорациите и за правење пари, туку буквално да биде достапен на секој човек, земјоделец, во разни намени“, вели за Радио МОФ Давор Ангеловски од „Зелена Алтернатива“.

Ова здружение како македонски претставник од 7 до 9 декември ќе учествува на „Интернационалната конференција за политиката на канабисот“ (International Cannabis Policy Conference) во седиштето на ОН во Виена, Австрија.

Таму заедно со светски познати организации во полето на канабисот ќе даваат предлози, нудат решенија што да се прави, како да се регулира канабисот, а потоа заклучоците ќе се пренесуваат на ОН.

Конференцијата се случува кога политиката на канабисот се трансформира низ целиот свет. Бизнисите растат и, од Тајланд до Канада и од Лесото до Франција, општествата се подготвуваат да го променат својот пристап и односот кон канабисот.

Меѓутоа, велат од Здружението, интернационалните регулативи за канабис се’ уште се некохерентни и застарени, бидејќи меѓународните договори на ОН сé уште го сметаат како штетна супстанца без медицинска вредност.

„’Зелена Алтернатива’ ќе учествува на овој настан со план и идеи на здружението за реформите на глобалната политика за канабисот, поставени со корисникот на прво место и пред се’. Глобалните регулации мора да остават простор секоја држава да може да ги уреди регулативите за канабисот во рамките на својата држава, на најлиберално ниво и по модел кој одговара за потребите на корисниците од таа земја“, велат од „Зелена Алтернатива“ кои, освен доприносот во поставување закони на глобално ниво и слободна употреба на канабисот, на конференцијата ќе имаат и свое изложбено место да ги запознаат присутните со својата работа во последните пет години.

Според Ангеловски, една од целите на ОН до 2030 година е да се направи одржлив развој и подобри услови за живот – за сите, а ова е уште еден важен момент, процес кој може да биде вметнат во таа агенда.

Односно, предлози на оддалечување од анти-наркотичниот пристап, кон похумана и одржлива визија за канабисот во општествата.

„Бидејќи, го покачува стандардот на луѓето во смисла на нешто што полесно се одгледува, на големи површини, за една година, а може да се прават храна и најразни производи. Воопшто, треба да се гледа како можност што ќе направи поттик во економијата во државите. Од повеќе аспекти. Одиме таму да го кажеме нашето мислење дека, меѓу другото, неговата употреба и одгледување не треба да претставуваат кривично дело“, нагласува Ангеловски.

„Интернационалната конференција за политиката на канабисот“ е во организација на think-tank FAAAT. Се работи за независна непрофитна организација и една од ретките лоби групи која постојано се фокусира на обврските на Обединетите нации да ги ажурираат политиките за канабисот, со што ги едуцираат донесувачите на одлуки во државите.

На 7 декември ќе се одржи предизборен настан во рамките на Обединетите нации. Дел од Конференцијата ќе продолжи на 8 и 9 декември преку улицата (Австрија Центар Виена), нудејќи простор и идеи за продолжување на дискусиите помеѓу носителите на одлуки, претприемачите и експертите.

Оттука, велат од Здружението, канабисот – и самото растение (коноп), како и социјалните и економските импликации на реформите на канабисот – е основен елемент кој треба да се разгледа за постигнување на агендата.

„Сега е историски момент да се направи евалуација на потенцијалот на растението канабис што се применува на патот на агендата за одржлив развој и рамка на ОН. Ова, исто така, ќе помогне да се отворат вратите за поттикнување на руралните политики кои вклучуваат канабис во развојните стратегии на земјите и да го оддалечат дел од дискусиите поврзани со канабисот од пристапот против наркотици и таквиот начин на размислување. Овој настан еможност за да се вклучат реформите во градењето на политиките за канабисот и да се даде етичка и одржлива содржина. Работите се менуваат брзо: иднината мора да се изгради сега!“, соопштува „Зелена Алтернатива“.

 

Бојан Шашевски