Здружението „Билка“ бара оставка од министерот за животна средина Дураки

Здружението за канабис и зелени политики „Билка” Скопје, како Здружение на граѓани кое се залага и бори за зачувување и унапредување на животната средина бара итна и неотповиклива оставка од министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки.

Тие реагираат поради скандалозната изјава на министерот кажана како одговор на новинарско прашање за најавената тужба на граѓани поради непреземање мерки против аерозагадувањето. Таа гласи: „Јас не се бавам со граѓаните”. Според „Билка“, ваквата изјава е последната капка која ја прели чашата.

„Ноторен факт е дека именуваниуот министер е исклучително пасивен во својот ресор и граѓаните често погрешно мислат дека министер е Јани Макрадули(заменик министер) а не Садула Дураки. На граѓаните и на нам како зелено здружение ни е потполно нејасно која е улогата на овој човек (освен бенефиции како министер) ниту пак можеме да го видиме неговиот особен допринос во заштита и унапредување на животната средина. Ова не е прв пат да посочениот министер се однесува комплетно игноратнтно кон Здруженијата на граѓани кои се занимаваат со она што всушност самиот тој треба да се занимава. Поради тоа, и поради фактот да за речиси година и половина како министер нема преземено никакви мерки во насока на заштита на животната средина, во услови кога целата држава се гуши од загадениот воздух а ресорниот министер “не се занимава со граѓаните” бараме итна и неотповиклива оставка на министерот Садула Дураки”, се вели во реакцијата на здружението „Билка”.

Вчера, министерот изрази жалење за тоа што не се изразил доволно јасно и што тоа предизвика реакции во јавноста.

„Владата ја дефинираше борбата со аерозагадувањето за свој стратешки приоритет. Министерот Дураки во својата изјава за медиумите ја потенцираше Програмата за справување со аерозагадувањето и укажа дека граѓаните имаат право да преземаат свои дејствија. Министерот изразува жалење за тоа што не се изразил доволно јасно и што тоа предизвика реакции во јавноста“, соопшти министерството.