Здружение ЕСЕ повикува на акција: Нашето здравје не е на продажба

Здружението ЕСЕ заедно со Европската мрежа против приватизација и комерцијализација на здравството и социјалната заштита и Граѓанското движење за здравје (ПХМ), нагласуваат дека сега повеќе од кога било, е неопходно да се создаде систем на јавно здравје, кој е силен, поддржувачки, висок квалитетен и достапен за целото население.

Оттука, оваа година, Здружението ЕСЕ со Европската мрежа и ПХМ организираат кампања со која ги повикуваат граѓаните, здравствените работници, здруженијата и слично, да се соберат на овој ден на заедничка акција против комерцијализација на здравјето.

„Поради пандемијата КОВИД-19 ги откажавме сите собири и акции кои значат физички контакт. 7 април е Светскиот ден на здравјето. Ние го нарекуваме ‘Ден за акција против комерцијализација на здравјето’. На тој ден, ги повикуваме сите да ја дадат својата поддршка со ‘ширење на солидарноста, а не на вирусот’, соопштуваат од ЕСЕ.

Од таму повикуваат на акција на 7 април со „бел лист“. Односно, граѓаните да постават бел лист со слоган на видливо место или постер во својот дом. Да се фотографираат себеси со пораките, да ги постават на социјалните мрежи, да ја додадат ознаката #health4all и да упатат порака до политичките лидери.