Зависниците во затвор немаат соодветна здравствена заштита, предупредува Омбудсманот

Еден медицински техничар и лекар кој доаѓа двапати по потреба, се единствената здравствена заштита што затворот во Куманово им ја нуди на затворениците кои се зависници на дроги. Загрижувачки е третманот на установата кон овие лица, кои најчесто се оставени сами на себе при своите апстиненцијални кризи, па неретко се случува да посегнат кон самоповредување и самоубиство, забележа Народниот правобранител Насер Зибери.

Нивните ненајавени контроли во затворите низ државата што ги направиле во ноември минатата година, покажале дека е многу незавидна состојбата со затворениците кои се зависници на дроги.

Од вкупниот број затвореници, во тој момент биле 2.118, било констатирано дека дури 20 отсто од нив биле зависници. Но, според Омбудсманот, оваа бројка е уште поголема бидејќи дел од корисниците на дроги не се пријавуваат да се лечат од оваа зависност.

Најзагрижувачка е ситуацијата во затворот во Куманово, каде 35 отсто од осудениците, или 65 отсто од притворениците, се зависници од дрога. Но, позагрижувачки според Зибери е третманот кон овие лица.

„Во самата установа не постои постојано ангажиран лекар. Вработен е еден медицински техничар кој треба да се справува со ваква голема бројка на притвореници и затвореници со здравствено нарушување како последица од користење на овие дроги. Лекар доаѓа два пати по потреба, која се разбира е далеку од потребното ниво“, забележа тој.

Овој медицински техничар често се соочувал со ситуации сам да препишува лекарства или ја одредува дозата надвор од пропишаната, што според Зибери е недозволиво. Бил приморан од притисокот кој го вршеле затворениците и притворениците кон него, па за возврат ги терал да се потпишуваат дека на нивно барање се зголемува дозата или се препишуваат лекарства или се ставаат инјекции.

Посебно загрижува кризата при апстиненцијални кризи, рече правобранителот.

„Честопати установата не е снабдена со доволно средства за третирање на овие лица. Овие лица честопати заради овие кризи од недостаток на третман или криза, се повредуваат меѓу себе, се самоповредуваат, па и имаат склоност кон самоубиство“, посочи Народниот правобранител.

15 обиди за самоубиство на затвореници зависници од дрога биле регистрирани во 2020 година, а од нив еден извршил самоубиство.

Поради ова, тој смета дека Министерството за здравство треба да вложи дополнителни напори за надминување на оваа ситуација, но иако упатил посебен извештај, Зибери вели дека досега не било преземено ништо.

„Две недели по моето доаѓање во инстуцијата, дадов наредба да се изврши ненајавена контрола во затворот во Куманово, да се види реалната состојба во моментот и извештајот од контролата покажа дека Министерството за здравство апсолутно нема преземено ништо“, истакна тој.

Но, ситуацијата не била подобра ни во другите затвори. Како пример го наведе најголемиот затвор во државата, Идризово каде во женскиот дел дури 32 отсто се кориснички на дроги, а во машкиот дел дури 27 отсто (од 1.005 затвореници дури 270 се зависници).

Во овој затвор, посочи Зибери, постои еден вработен лекар по општа медицина и три медицински сестри. Но, тие се без специјализирана експертиза во однос на психичките и другите нарушувања кај овие затвореници.

„Во затворот во Тетово, исто така ситуацијата е алармантна, каде има само еден доктор по општа медицина, додека за психијатар не станува збор. Овде за своите здравствени услуги затворениците треба сами да си платат, иако тоа треба да е покриено од државата“, забележа Зибери.

Друг проблем кој Народниот правобранител го посочи е дека освен во затворите во Тетово и Охрид, скоро во ниту еден друг не се прави тестирање за склоноста на овие лица кон самоубиство, при нивниот прием или за време на апстиненцијалните кризи, иако тоа е обврска на установите.

Препораките кои Народниот правобранител ги дава се доекипирање на затворите и казнено-поправните установи со лекари, психијатри, технички персонал и редовно издавање на терапија која како што рече тој, не само што не се издава редовно, некогаш воопшто ја нема.

На овие наоди подоцна одговори и министерот за здравство Венко Филипче, кој потврди дека треба да се работи на постоечкиот систем на здравствена заштита за затворениците. Но, како проблем го наведува тоа што не се пријавувале лекари за работа во затвор.

„Тоа е проблем за којшто сме свесни подолго време и знам дека е информиран и Народниот правобранител и подолго време бараме решение. Неколку пати се објави оглас во Здравствениот дом Скопје којшто е одговорен да ја спроведува таа здравствена заштита во затворите и секој друг здравствен дом во градовите кај што има затвори, меѓутоа не се пријави ниту еден лекар. И затоа сега се прави малку поинаков план, едно да има дополнителна финансиска стимулација за тие лекари коишто ќе работат на тоа или да биде по системот на ротација. Многу сме блиску до наоѓање на дефинитивниот модел, долго време се работи, не беше едноставно да најдеме како. Сега има систем на здравствена заштита, меѓутоа треба да се подобри и сме свесни дека треба да се подобри и мислам дека ќе најдеме и за тоа решение“, рече Филипче.

Податоците до кои дојде Омбудсманот всушност се дел од поголем извештај кој го објави во пресрет на 26 јуни, Меѓународниот ден на поддршка за жртвите од тортура.

Во текот на 2020 година, оттаму направиле 25 ненајавни посети во затворите и казнено-поправните установи, во полициските станици и во центрите за задржување на лица без регулиран престој, баратели на азил и мигранти. Од овие 25 ненајавени посети, 9 биле извршени во полициски станици воглавно во Скопје, 10 во затвори и 6 во прифатните центри.

За полициските станици, во период од 10-18 септември, извештајот покажал дека и овде ситуацијата е на многу незадоволително ниво.

„Во повеќето полициски станици, за жал кадарот не е обучен да ги информира долволно лицата приведени или задржани во полициски станици на правото на адвокат или тоа се прави кратко без доволни инфромации“, рече Зибери.

Особено загрижува ситуацијата кога за одредени ситуации, државата е должна да обезбеди присуство на адвокат, а надлежните заедно со МВР треба да обебзедуваат списоци на дежурни адвокати кои се на располагање, додаде тој.

„Од увидот установено е дека списоците на адвокати се толку стари, што не се употребливи. Тие се дури и по десет години стари. Ова особено е загрижувачки кога се задржани малолетници. Овие бројки покажуваат дека од вкупниот број приведени/задржани лица односно 1080 приведени, 3270 задржани, само 14 отсто го користат правото на бранител. Од оваа бројка само 3 отсто се деца, а само 16 отсто од нив повикале адвокат. Полициските станици немаат список со адвокати кои поминале обука за работа со деца“, посочи Народниот правобранител.

Неговите препораки кон МВР, но и другите институции, е да водат обука за раководителите, да ги поучат за правото со адвокат, особено во случаи кога се вклучени деца.

Во прифатните центри, пак, тема на набљудување било постапување на овие центри кон мерките на владата за спречување и заштита на овие лица од Ковид-19.

При посетата на прифатните центри за странци во Гази Баба, за баратели на азил во Визбегово и транзитните центри Винојуг и Табановце, забележале дека Владата преземала соодветни мерки во оваа насока и при приемот на овие лица се вршеле тестирања.

Е.П.