Затворени две кафулиња поради непочитување на мерките за Ковид-19

Минатата недела, во периодот од 23 до 29 ноември, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) изрекол забрана за работа и глоба за правно лице и за одговорно лице на два угостителски објекти во Гостивар кои не го почитувале протоколот што се однесува на ограничениот број на гости на една маса, согласно законот за заштита на населението од заразни болести, соопштија денеска од Инспекцискиот совет.

Истовремено, ДПИ во тој период извршил 2.635 контроли и 462 надзори кои се однесуваат на мтеријалните закони и здравствентие протоколи за работа на угостителските објекти. Па, оттука тие поднеле 18 прекршочни пријави, 31 прекршочен налог и 54 решенија.

Агенцијата за лекови и медицински помагала пак, во истиот период извршила 28 надзори во аптеки во врска со почитување на мерките и издавањето на антибиотици, а изрекле едно решение согласно Законот за лекови и медицински средства.

„Државниот инспекторат за труд спроведе 501 надзор во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на протоколите во насока на заштита на здравјето на вработените. При овие надзори, од страна на трудовите инспектори изречени се 26 решенија согласно материјалните закони, а дополнително изречени се и 6 платни налози заради неносење на заштитна маска за лице во работниот простор во Ресен и Битола“, стои во соопштението на Инспекцискиот совет.

Агенцијата за храна и ветеринарство спровела 331 надзор, а притоа издала пет решенија, еден платен налог и извршила 22 едукации поради констатирани неправилности кои се однесуваат на неизвршени здравствени прегледи, неспроведување на општи хигиенски мерки, неправилно складирање и чување на производи и неправилно означување на производите, информираат од Инспекцискиот совет.