„Заслепена правда“ – Нова публикација за деконструкција на „заробената држава“

Клиентелистички односи меѓу судството и политиката, неказнивоста на политичарите и отсуство на одговорност на обвинителите, како и злоупотребите на притворот, амнестијата и институциите за прогон на граѓанскиот сектор се дел од темите кои се обработуваат во новата публикација „Заслепена правда: до заробена држава во Северна Македонија“.

„Демократијата во Северна Македонија беше под сериозен удар речиси цела деценија, а одликите на заробената држава и денес остануваат видливи во судството, јавното обвинителство и во полицијата. Неопходна е деконструкција на „заробената држава“ за да можат да се разберат постојните институционални слабости, но и за да се развијат стратегии за рано детектирање, превенција и соодветно санкционирање на ваквите злоупотреби“, стои во воведот за публикацијата.

Во публикацијата преку пет експертски анализи и шест истражувачки стории се прикажуваат детектираните шеми или механизми како било спроведено „заробувањето“ на државата.

„Публикацијата преку практични примери и случаи од реалниот живот ги прикажува конкретните манифестации на ваквата заробеност и последиците од неа. Истражувањето презентирано во оваа публикација идентификува неколку начини на кои се вршело политичко влијание врз правосудниот систем во услови на заробена држава и како постојните системски слабости во областа на владеењето на правото биле искористени за интересите на владејачката партија“, се наведува во публикацијата.

Истражувањето во оваа публикација е поддржано од Институтот за европски политики при Отвореното општество, Европскиот институт при Отвореното општество и Фондацијата Отворено општество – Македонија, а го спроведе Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) Македонија, заедно со Коалицијата „Сите за правично судење“, Институтот за човекови права, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Целосниот текст на публикацијата „Заслепена правда: до заробена држава во Северна Македонија – судство, јавно обвинителство и полиција„ можете да го најдете ТУКА.