„Заработете и штедете“ – прва македонска едукативна игра за финансиско едуцирање на младите

Играта „Заработете и штедете“ е дело на Маријан Зиновски, студент на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Таа е замислена да забавува, но и да ја едуцира  младата популација за штедењето и финансиите.

Таа од денес е достапна за слободно преземање од интернет-страницата на централната банка, како виндоус и андроид-апликација.

Играта е осмислена така што играчот врши превоз на патници во повеќе нивоа и така заработува одредена сума пари за секое успешно завршено ниво, при што парите се впишуваат на неговата сметка, врз основа на која располага со платежна картичка.

Во играта постојат повеќе опции за инвестирање и трошење на заработените пари, како што се: повлекување готовина од банкомат, орочување и повлекување орочени средства од штедна сметка во банка, можност за плаќање со готовина и платежна картичка при купување или продавање на автомобилот што играчот го управува. Доколку средствата се орочат во банка, при влез на секое ниво на играта се пресметува камата од 3% на вкупниот износ. Колку порано се вложат парите на штедна сметка, толку повеќе средства ќе има на сметката.

Во играта постои опција наречена „Предизвик“ во која играчот вози и собира македонски денари во форма на монети и банкноти во зададениот износ и за одредено време. Овие собрани пари во главната игра се впишуваат во полето на готовина.

Во делот со назив „Поимник“ е даден опис на сите економски поими коишто се сретнуваат во играта.

Едукативната игра е резултат на конкурсот на Народната банка на Република Македонија. Оттаму веруваат дека играта ќе ја оствари целта за којашто е создадена – да придонесе кон повисоко ниво на финансиска писменост кај децата и младите.