Три тима влегоа во финале за NASA Space Apps Challenge 2017 во Скопје, кои се натпреваруваат за главната награда, а тоа е посета на платформата за лансирање ракети во вселенскиот центар „Кенеди“ во Кејп Канаверал, Флорида.
Тимовите Swift, DELTA и Numero Uno изработија апликации кои нудат решенија што се применливи на земјата.
Во тим Swift учествуваат Александар Момироски, Борче Ангелов, Јаков Докузов, Павел Ѓорговски, Дамјан Постоловски. Нивниот предизвик се вика „Ти си моето сонце“, а е во категоријата „Земјата и ние“.
Нивниот уникатен инструмент може да се користи за собирање и претставување на податоци за соларниот потенцијал што може да се искористи. Тоа е мал, преносен и достапен уред кој кажува дали нечиј покрив е совршен за инвестиција со соларен панел. Податоците се праќаат до сервер кој ги пресметува податоците, едноставно прикажувајќи ги за да бидат разбирливи за секој.
Во тим DELTA учествуваат Никола Јовановски, Јована Крстиќ, Ива Цветковска, Мирослав Ѓорѓиевски, Никола Петроски и Марко Марковиќ. Нивниот предизвик е насловен „И ти можеш да помогнеш во борбата со пожарот, а е дел од категоријата „Внимание! Опасност во близина“.
Тие направиле проект со цел да го намалат времето потребно за да реагираат пожарникарите, користејќи ги сателитските податоци на НАСА. Детектори за пожар кои ќе бидат поставени на најранливите места, заедно со термални камери и сензори за ветер, ќе обезбедуваат информации за пожарникарите, а со нивната апликација секој би можел да пријави пожар до службите, наведувајќи ја точната локација. Со ова последиците би биле значително помали, а со тоа и државата би имала помали трошоци.
Тим Numero Uno учествуваат Огнен Аревски, Томислав Живковиќ, Емил Славковски, Никола Стефановски. Нивниот предизвик се вика „Земјата е кул!“ и е во категоријата „Замисли и создади“.
Тие направија триминутно видео кое ја покажува уникатноста на земјата, за нејзината вода, воздухот, температура и гравитација, односно карактеристиките по кои таа е карактеристична.
Својот глас за некој од тимовите може да го дадете на следниот линк.
Според гласовите, кои јавно може да се видат под секое видео, води тим DELTA.
Првиот тим ќе добие два гласови, вториот тим еден глас, а третиот тим не добива поени. Овие гласови потоа ќе бидат разгледани од жири на 16 мај, составено од седум членови. Онлајн гласањето завршува ден претходно, на 15 мај.
Интернационалниот вселенски предизвик на НАСА е најголемата настан во светот фокусиран на истражување на земјата и вселената, кој се одржува 48 часа во повеќе од 150 градови низ светот со 15 000 учесници од шест држави. Но, хакатонот е многу повеќе од правење апликации. Тоа се предизвици кои вклучуваат роботика, визуелизација на мапа, хардвер, дизајн и многу други елементи.