Започна Европската недела на мобилност во Скопје

Со потпишувањето на пристапницата од страна на Претседателката на Советот на Град Скопје Љубица Јанева, започна Европската недела на мобилност 2019.

„Во текот на наредните 7 дена низ целиот град ќе се одржат голем број на активности на кои секој граѓанин ќе може да се информира, не само за за различните алтерантивни начини за превоз низ градот, туку и да осознаат нешто повеќе за водењето здрав и активен живот“, објасни Јанева.

Таа ги напомена се почестите проблеми со загадувањето, сообраќајниот метеж, се помалата подвижност кај сите граѓани. Токму поради тоа, овогодинешната кампања цели кон промена на начините на размислување и навиките на движење кај сите граѓани.

Советничката потсети дека во текот на оваа недела не се промовираат само возењето велосипед, електричен тротинет или пешачењето, туку и користењето јавниот превоз.

„Целта на ова одбележување е да се поттикнат граѓаните активно да се вклучат во локалниот живот, да ја практикуваат својата одговорност и делотворност кон животната средина“, дополни таа.

Во рамки на неделата на мобилност, во петок (20 септември) ќе се се одржи отворено дефиле на пешаци и велосипедисти. Дефилето почнува во 11:30 часот, од новиот парк „Ибни Пајко“, а ќе се движи низ булеварите „Гоце Делчев“, „Партизански Одреди“, „Илинден“, за да заврши во Градскиот Парк, на Школка.