Пехчево, Берово, Делчево и Виница добија апарат кој за прв пат ќе го мери квалитетот на амбиенталниот воздух во овие четири општини во источна Македонија.
Активностите се финансиски поддржани од ИПА програмата за прекугранична соработка, а ги имплементираат НВО Амброзија од Пехчево и Центарот за обновлици извори на енергија од Благоевград, Бугарија.
Јасмина Пашалиска-Андоновска од НВО Амброзија информираше дека мерењата се вршат со мобилен уред според пропишаните стандарди, при што ќе се регистрира количината на ПМ10 честичките, сулфурен диоксид, јаглероден моноксид и озон.
Мерењата започнаа од Берово, а продолжуваат во Пехчево, Делчево, па во Виница.
– За четирите општини од регионот досега се правени единечни мерења на одредени фирми, но мерењата на квалитетот на амбиенталниот воздух се прават првпат и согласно со динамиката на проектот, овие мерења освен во овие општини, ќе се спроведат и во пет општини од пограничниот регион во соседна Бугарја, а мерењата ќе се одвиваат во текот на десет месеци, значи во различни временски периоди да видиме како се движи квалитетот на воздухот во грејна сезона, во летен период и аналогно на тоа да можат да се направат соодветни споредби и препораки, истакна Пашалиска-Андоновска.
Резултатите од десетмесечните мерења ќе ги анализираат експрети, по што ќе се донесат препораки кои ќе се содржат во заедничка нискојаглеродна политика во пограничниот регион.
Досега во источна Македонија, преку мониторинг станиците на Министерството за животна средина, загадувањето на воздухот се мереше само во Кочани каде оваа година се регистрирани 38 денови во кои е надминат максималниот праг на загаденост со ПМ10 честички.