Забранети летовите од Европа за САД во наредните 30 дена, ЕУ негодува

Во наредните 30 денови со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да се забранат сите патувања од Европа во САД. Забраната ќе почне да се применува од петок на полноќ по американско време, пренесува „Индекс.хр“.

„За да не влезат во нашата земја новозаразени ќе ги прекинеме сите патувања од Европа во САД во следните 30 дена“, изјави Трамп од Белата куќа.

Порача и дека ограничувањата не се однесуваат на Обединетото Кралство, каде досега се потврдени 460 случаи на заболени од коронавирусот.

Белата куќа по неговиот говор прецизира дека забраната се однесува на сите земји членки на Шенген-зоната. Тоа значи дека Ирска е исклучена од таа забрана, затоа што не е една од 26-те земји од Шенген-зоната, како и Бугарија, Хрватска и Романија.

Во САД досега се потврдени 1.135 заболени од коронавирусот, додека 38 лица починаа.

По говорот на Трамп, се огласија и од Европската унија од каде што изјавуваат дека не го одобруваат едностраниот потег за забрана на патувањата.

„Коронавирусот е глобална криза, не е ограничена на еден континент и бара соработка, а не еднострани потези“, се вели во заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Светската здравствена организација вчера прогласи пандемија на Ковид-19 коронавирусот откако се прошири низ целиот свет. Засега има над 133.000 случаи на заразени, во 125 земји и територии низ целиот свет.