За Трамп „чест“, за Обама „одлична“ нивната средба во Белата куќа

Жестоко се напаѓаа за време на кампањата, но денеска си подадоа рака. Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се сретна со претседателот Барак Обама во овалниот кабинет на Белата куќа, на средба со која почнува транзицијата помеѓу досегашната и новата администрација.

Протоколарната средба, во која новиот претседател се запознава со ситуацијата која ја затекнува, траела 90-тина минути и според Обама поминала „одлично“.

„Имав одличен разговор со избраниот претседател Трамп. На многу теми. Разговаравме за надворешната политика и за ситуацијата во земјава. И како што кажав и вчера, приоритет број еден во следните два месеци ние е да направиме транзиција која ќе осигура дека нашиот избран претседател ќе биде успешен. Охрабрен сум од интересот на Трамп да соработува со мојот тим на многу прашања со кои се соочува оваа голема земја и верувам дека е важно сите ние, без разлика на партијата и политичките убедувања да се обединиме и да работиме заедно“, рече Обама.

Трамп рече дека иако средбата требала да трае само 15-тина минути, таа траела час и половина.

„Разговаравме за многу различни ситуации, некои одлични, но некои и тешки. Се радувам на соработката со претседателот во иднина, како и на неговите совети. Ми ги објасни некои од проблемите, некои од најважните предности, како и навистина големите работи кои биле постигнати. Па, претседателе, беше голема чест да се биде со вас и се надевам дека ќе бидеме заедно уште многу, многу пати во иднина“, рече Трамп.

По средбата со Обама, Трамп денеска се среќава и со претседателите на Сенатот и Претставничкиот дом.