„За нас се работи“ ја разбуди еколошката свест на битолчани

Загадувањето на воздухот во градот под Пелистер со суспендираните ПМ 10 честички добива алармантни размери. Според официјалните податоци на здравствените институции, секој ден во Битола едно лице заболува од карцином, а двајца неделно од белодробен карцином. И додека локалните и централните власти нагаѓаат кои се загадувачите, здружението на граѓани „За нас се работи“ ја разбуди еколошката свест на битолчани. На таа тема, во интервју за НОВА зборуваат Иван Јерчиќ и Горан Пинза, двајца од седумте основачи на здружението.

На што се должи постењето на здружението на граѓани „За нас се работи“?

Пинза: Сѐ започна на почетокот на септември, со формирањето на граѓанската иницијатива „Битола сака чист воздух“ и појавувањето на Фејсбук страната на нашата иницијатива. Откако за брзо време добивме масовна поддршка од 13.300 поддржувачи, решивме да формираме здружение, бидејќи само како правен субјект можевме да продолжиме да ја развиваме нашата идеја. Така се роди здружението „За нас се работи“, кое во овој момент брои околу 600 членови со потпишани пристапници.

Јерчиќ: Основен мотив за формирање на здружението беше тоа што скоро 2 години јавноста шпекулираше за степенот на аерозагадувањето на Битола. Отприлика во истото време почнаа и шпекулациите за причините поради кои не работи мерната станица „Битола 2“. Уште пред официјалното формирање на здружението, вршевме некои истражувања за загаденоста на воздухот во Битола и за мерките кои биле, односно не биле преземени од надлежните институции. Дали е тоа градоначалникот, општинскиот Совет или Министерството за животна средина, сѐ едно. Притоа на површина излегоа и некои други проблеми кои, повеќе или помалку, исто така ги тангираат граѓаните на Битола.

И претходно се појавувале слични иницијативи, меѓутоа сите имале краток век. Кои се амбициите на вашето здружение?

Пинза: Сето она што што ѝ случува на Битола а што не е добро, да го смениме во интерес на граѓаните. Тие се нашите амбиции. Да се обидеме да ги поместиме работите од мртвата точка и да го вратиме сјајот на градот. Дел од направените штети се ненадоместливи. На пример, жално е она што се случи со поранешната касарна, каде државно земјиште им се даде на приватни и правни лица да градат згради и други објекти, при што безмилосно беа исечени стотици и стотици стебла дрва. Во перспектива, освен со аерозагадувањето, ќе се занимаваме со проблемот на загадувањето на водата и почвата. Значи почнуваме со барање решенија за примарните проблеми, оние кои најмногу влијаат врз здравјето на луѓето.

Иако како граѓанска иницијатива и здружение постоите кратко време, сепак, со оглед на вашата ангажираност, може ли да се каже дека сте постигнале некакви видливи резултати?

Јерчиќ: Постигнато е многу во поглед на охрабрувањето на граѓаните отворено да зборуваат за проблемот со загадувањето на воздухот. Граѓаните почнуваат да се организираат и солидаризираат околу некоја идеја, во чија основа е чистиот воздух и здравиот живот во Битола. Знаеме дека проблемот не може да се реши преку ноќ, дека е потребно време за имплементирање на еколошките стандарди. Но сепак, мислам дека свеста кај граѓаните за овој проблем малку е разбудена. Според нас, само некоја благородно себична идеја може да нѐ придвижи напред и токму од тие причини здружението го нарековме „За нас се работи“. Кога човек размислува за своето сопствено добро, тогаш може да тргне во решавањето на некакви заеднички проблеми, без разлика колку на прв поглед да изгледаат нерешливи.

Целото интервју прочитајте го на Novatv.mk.