„За мачките со љубов“ – акција на Анима Мунди

Здружението Анима Мунди на 26 април (недела) во кафе-барот Излет во Скопје организира аукција на предмети од познати спортисти, актери, музичари, ликовни уметници и други јавни личности од Македонија, хуманисти и љубители на животните кои се приклучуваат кон иницијативата на Анима Мунди за хуманост кон мачките, вдомување и нивна стерилизација.

„Зошто за мачките? Затоа што тие се прекрасни животни и бидејќи токму овој период нивната бројка на улиците е зголемена, изложени се на исклучително страдање и опасност, а ние сите заедно може да им помогнеме – да ги стерилизираме, вдомиме и на тој начин спасиме“, велат од Анима Мунди.

Во акцијата се вклучени: Перо и Ружица Антиќ, Дарко и Маја Панчеви, Јордан Симонов, Ирена Ристиќ, Васил Зафирчев, Рубенс Муратовски, Амернис Нокшиќи, Ајета Реџеповиќ, Весна Петрушевска, Ана Јовковска, Александра Хаџи Наумова, Ели Аин, Шкипе Мехмети, Ивана Младеновска, Ива Јосифова, Вера Јанковиќ, Андријана Мациев, ЛД Пистолеро, Тони Зен, Есма Реџепова, Андријана Јаневска, Калиопи, Јулија, Михаил Парушев, Игор Василев – Новоградска, кои  веќе донирале свој, препознатлив, личен предмет/дело кој ќе биде изложен на аукција (за наддавање) и на тој начин ќе помогнат да се соберат што повеќе средства за стерилизација на бездомни мачки и да се намали бројката на несреќни, гладни, болни, тепани и убивани мачки на улиците.