Вучиќ, извини, ние заминавме на Кариби! – шега на која одговори српскиот премиер

„Вучиќ, извини“ му порачаа на српскиот премиер Александар Вучиќ четири момци кои се фотографираа на плажа во Холандските Антили, по акцијата за доделување на ваучери на граѓаните за летување во Србија.

До сликата, која беше објавена на Фејсбук, пишува „Премиерот пред некој ден рече дека Србите кои ќе летуваат во Србија, ќе имаат даночни олеснувања, но ние сме на Карибите“.

Вучиќ не им остана должен, така што неговата изјава од вчера дека српската економија се подобрува со полна пареа, ја илустрираше со шегата на момчињата од Карибите.

„Најмногу сакам кога поединци се шегуваат на моја сметка и одат на море, па пишуваат „Вучиќ, извини“. Убаво што ми се извинувате, добро е што не лелекате и што можете тоа да си го дозволите“, рече Вучиќ.

Покрај оваа шега, кампањата „Летувајте во Србија“, со која граѓаните кои ќе го поминат одморот во Србија ќе добијат ваучер од 6 000 српски динари, предизвика сомневање за можни манипулации, јавуваат српските медиуми.

Од Министерството за трговија и туризам пак, тврдат дека издавањето и употребата на ваучерите ќе биде контролирано. Ваучерите ќе гласаат на името и презимето, како и на ЕМБГ бројот на корисникот. За некој да добие ваучер, мора да резервира сместување во траење од најмалку четири дена.