Во недела на 17 септември на мегалитската опсерваторија Кокино, ќе се одржи второто издание на целодневниот културен хепенинг Тврдина на сонцето.
Несекојдневниот мултимедијален настан ќе го одбележат повеќе културни активности во подножјето на Кокино, долж обележаната патека/рута и во просторот на самата опсерваторија.
Програмските активности на настанот почнуваат во 15:00 часот, кога ќе се одржуваат организирани едукативни тури до опсерваторијата, работилници, предавања и презентации, како и перформативни активности на настанот кои почнуваат со поетско читање и го заокружуваат целодневното дружење со музичката програма во чии рамки годинава ќе настапат String Forces, Voltaire Mani Al Hakim и диџеј Шурбе.
Во едно поинакво афирмирање на мегалитската опсерваторија, која според НАСА се наоѓа на четврто место на најстарите опсерватории во светот, се очекува целодневно уживање под отвореното небо на Кокино, каде ќе и се даде поинаква живост и промоција на самата опсерваторија со грижливо селектирана програма, без да се нарушат атмосферата и духот на локалитетот.
Влезот за посетители на настанот е бесплатен, но се работи за настан со строго ограничен капацитет и регулиран пристап до локацијата, кој минатата година беше распродаден во рекорден рок.
За настанот во продажба се достапни билетите за организираниот автобуски превоз на релација Скопје – Кокино – Скопје кои чинат 100 денари.
За време на настанот ќе биде регулиран и пристапот до локацијата со автомобили, за што пак е обезбеден посебен паркинг простор, кој посетителите ќе ги чини 100 денари од возило. Сите оние кои нема да успеат да ги набават своите билети за возило, нема да бидат пуштени на контролните пунктови.
Бидејќи специфичноста на локацијата наметнува посебни услови пред сѐ од безбедносен и еколошки аспект, организаторите Пасворд Продакшн апелираат до посетителите во што поголем број да го користат организираниот автобуски превоз. Доколку сепак се одлучат на настанот да дојдат со сопствено возило, поради строго ограничениот капацитет треба што поскоро да го осигураат билетот за пристап до паркингот на настанот.
Билетите за автобуски превоз и за пристап до локацијата со возило се продаваат онлајн преку МКтикетс и во Југотон (ГТЦ, 1 кат – Скопје).