Втора вечер на Green Beach Festival со Кирил Џајковски и ТК Вондер

Дводневно, шесто издание на Грин Бич Фестивал (Green Beach Festival) годинава се најавува во Охрид. Покрај настапот на светски познатиот диџеј и продуцент Fedde Le Grand, на 31-ви јули на плажата Парк, на истата локација на 1 август се најавува настапот на Кирил Џајковски и ТК Вондер кои за првпат ќе бидат дел од овој фестивал.

Fedde Le Grand е диџеј со голем број хитови зад себе и ремикси на Colplay, Robbie Williams, Michael Jackson, Fatboy Slim, Martin Solveig, Shakira, Sharam и други. Тој ја започнува кариерата во родната Холандија, по што следува отворањето на неговата издавачка куќа „Фламинго Рекордингс”, која е етикетата под која во 2006-та се објави хитот „Put your hands up 4 Detroit” што му го отвори патот во електро-меjнстримот.

Синглот беше број еден во Велика Британија, Шпанија, Русија, Финска и ред други земји и во истата 2006-та ги освои престижните награди за најдобра андерграунд хаус трака и најдобра брејк – електро нумера.

Локалната подршка на Fedde Le Grand доаѓа од Никофор, Ајсберг, Лефанк и Диџеј Боби.

На 1 август пак Кирил Џајковски и ТК Вондер ќе бидат „адреналинско продолжение“ на журката и ќе го затворат празничниот викенд со своето шоу ја воодушевуваат Европа веќе неколку години. Целодневната саботна програма ќе биде пополнета и со повеќе атрактивни македонски диџеи.

Организаторите на фестивалот годинава најавуваат и „невидено озвучување и визуелно искуство по највисоките стандарди со што остануваме во групата на европски  фестивали од самиот врв“.

„Хајнекен Грин Бич Фестивал годинава ќе биде засилен со до сега невидено озвучување и визуелно искуство по највисоките стандарди со што остануваме во групата на европски фестивали од самиот врв. Откако на единствениот вистински подиум во Македонија ги пречекавме најзначајните имиња во денс светот, како Армин Ван Бурен, Пол Ван Дајк, Карл Кокс, Џон Дигвид, Фери Корстен и Роџер Санчез, решивме да ја прошириме приказната. Пред нас се неодоливи 48 часа журка на плажа кои не се пропуштаат по ниедна цена. “, најавуваат организаторите.

Оние кои купиле билети за првата вечер со Fedde Le Grand, бесплатно ќе можат да го следат настапот на Џајковски и ТК Вондер за први август.