Втор уписен рок на УКИМ: Најмногу места на техничките факултети, најмалку на медицина

Најголем број слободни места на вториот уписен рок на студиските програми на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје има на техничко-технолошките науки, вкупно 802 слободни во државна квота. Најмалку места и втора шанса за упис имаат студентите кои ќе сакаат да студираат медицински науки.

Од техничко-технолошките науки, во државна квота има 135 слободни места на Факултетот за електротехника и инфромациски технологии (ФЕИТ), 122 на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), додека на Градежниот факултет останати се 87 слободни места. Машинскиот факултет пак,  во однос на останатите факултети од оваа група има вкупно 244 слободни места, додека самиот Техничко-металуршки факултет нуди 214 слободни места за студентите во втор уписен рок.

На природно-математичките науки, има вкупно 322 слободни места, во државна квота. Според податоците од УКИМ, најмалку слободни места има на студиите по етнологија и антропологија, а најмногу слободни места на математика и физика.

Општествените и хуманистички науки вкупно нудат 546 места за вториот уписен рок. Економскиот факултет има 75 слободни места. За споредба, на Правниот факултет има двојно повеќе, или 148 слободни места, во државна квота.

На Филозофскиот факултет останати се седумдесетина слободни места, од кои најмногу на студиите по филозофија. За разлика од филозофијата, нема слободни места на семејните студии, додека родовите студии и годинава се во мирување.

Од општествените науки, убедливо најмногу слободни места има на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, но не и на Катедрата за англиски јазик. За разлика на тоа, катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, романски јазици, албански и турски јазик се уште нудат слободни места.

Медицинските науки се повторно со најмногу запишани студенти во првиот рок. На општа медицина веќе слободно место, на Фармација има место само за еден студент во државна квота, додека на Стоматолошкиот факултет за 14 студенти.

Покрај техничките, и биотехничките науки се со најмногу слободни места, односно со вкупно 444 слободни места, во државна квота. Од нив, најмногу слободни места има на Факултетот за земјоделски науки и храна, а најмалку на Факултетот за ветеринарна медицина.

Поголемиот дел од студиите на уметничките факултети годинава се во мирување. На Факултетот за драмски уметности нема слободни места, додека Факултетот за музичка уметност има место за 19 студенти во државна квота, а 43 за приватна. Факултетот за ликовна уметност има само 4 слободни места.

УКИМ во вториот уписен рок нуди слободни места за уште 2152 студенти во државна квота, а 2138 во приватна квота, или вкупно за 5291 студент во целост.  Запишувањето во вториот уписен рок ќе се врши на 3 септември, под истите услови и критериуми и во сите категории студенти утврдени во Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии на студиските програми на УКИМ во учебната 2015/2016 година. Целата листа на слободни места е достапна на овој линк.