Втор протестен марш за спас на Водно

Во недела (9 февруари) ќе се одржи втор протестен марш за спас на Водно. Зборно место училиштето „Кочо Рацин“ во подножјето на Водно во 10 часот. Ако се оди според планот, во 12.30 часот групата треба да се стигне до врвот.

Втор протестен марш за спас на Водно

Од неформалната група која го организира протестот главно преку социјалните мрежи, повикуваат да се зачува оваа оаза на чист воздух од насилната урбанизација.

„Ве повикавме да ни се придружите заеднички да искажеме загриженост и несогласување со забрзаното уништување, прекумерната урбанизација, сечењето на шумата, изградбата на бројни објекти и сообраќајници на планината Водно.Сакаме да го спасиме Водно за себе, за сите нас и за следните генерации, се бориме и за оние кои денес го поддржуваат уништувањето на Водно, но предводени од мотивот за профит, не согледуваат дека сите сме на иста страна. Здружено и масовно да им покажеме дека ова е за сечие добро. Во ова време на повеќекратна загаденост на воздухот, грижата за Водно треба да биде приоритет за скопјани“, посочуваат организаторите на протестот.

Претходно ваков протест за спас на Водно беше организиран кон крајот на ноември минатата година. Со овој протест беше истакната и потребата за дефинирање на границите на парк шумата на Водно, а беше побарано местото да се стави под заштита на државата за да престане, како што велат организаторите, неговата насилна урбанизација и уништување.