Втор фестивал „It is COOL to be STEM“ за промоција на СТЕМ образованието

Под мотото „It is COOL to be STEM 2“ по втор пат беше организиран фестивалот за промоција на СТЕМ образование (наука, техника, инженерство и математика) во Основното училиште „Јан Амос Коменски на крајот на минатиот месец.

Овогодинешниот фестивал беше посветен на одбележувањето на 150 години од создавањето на Периодниот систем од страна на Менделеев. За таа цел беа реализирани разновидни  интердисциплинарни работилници поврзани со хемија.

Настанот опфаќаше разновидни активности, работилници, експерименти, посети на институции и интервјуа со професионалци. Во настанот беа вклучени ученици од сите 10 училишта на територијата на општина Карпош, кои имаа можност да допрат до природните науки на еден поинаков интерактивен начин како активни реализатори на експерименти од различни области на природните науки.

„Со оглед на фактот што втора година по ред организираме ваков тип на фестивал интересот беше голем, учениците со нетрпение очекуваа да започнат работилниците, но за жал можевме да опфатиме само определен број на ученици. На мое  задоволство фестивалот помина одлично и среќна сум што ги слушам учениците  низ училишните ходници како ги прераскажуваат активностите на соучениците. Учениците сакаат експерименти, особено кога сами ги изведуваат. Всушност и хемијата не би била магична без експериментите. Особено им се допаднаа хемиските игри посебно „Јонскиот покер“ уживаа и се забавуваа, а кога се учи низ игра и забава, успехот е неизоставен“, објаснува Александра Блажевска, наставник по хемија во ООУ „ Јан Амос Коменски“, претседателка на Креативниот центар Карпош-КЦК и Scientix амбасадор.

Фестивалот се одржа од 19-ти до 24-ти април, а активностите биле поделени во три посебни едукативни игри:

Ден 1: Хемиски игри во училницата –  работилница во која 20  ученици деветто одделение  од 10 училишта во општина Карпош учеа хемија на забавен начин. Јонски покер, хемиско домино, јонски партнер  се само дел од игрите кои се  организираа во  работилницата “Хемиски игри во училницата“ под менторство на проф. д-р Марина Стојановска од Институтот по хемија при ПМф. Учење хемија низ игра е одличен начин да се привлече вниманието на учениците

Ден 2: Предизвици во пекарницата – работилница  во која 20 ученици од 8 одд. од ООУ „Јан Амос Коменски“ и ООУ „Владо Тасевски“ решаваа хемиски проблеми во пекарницата. Учениците во улога на лаборанти решаваа проблеми од секојдневниот живот, користејќи ги знаењата стекнати на часовите по хемија. Тие предлагаа едноставни тестови за докажување на неколкуте бели супстанци кои се користат во пекарата. Изучувањето хемија преку решавање проблеми од секојдневниот живот овозможува учениците полесно да разберат како можат да го искористат своето знаење  и воедно да се мотивираат за изучување на природните науки.

Ден 3: Хемикалии во печурките – 20 ученика беа во посета на миколошката лабораторија и институтот за хемија при Природно математичкиот факултет. Го истражуваа светот на печурките. Преку низа на експерименти докажуваа присуство на хемиски соединенија во печурките и ги набљудуваа под микроскоп под менторство на проф. д-р Методија Најдоски и проф.д-р Катерина Русевски.

„Според мене наставникот е најважната алка во образовниот систем. Не дека останатите алки се неважни, но добар, квалификуван, мотивиран, креативен наставник е предуслов за квалитетно образование. Наставникот мора постојано да учи, да се надоградува, да применува различни педагошки пристапи, да споделува и разменува искуства со своите колеги. Бидејќи генерациите не се исти, семејството се менува, општеството не е исто и многу други елементи кои ги прават генерациите различни меѓу себе. За мене наставниците се волшебници, а особено наставниците во одделенска настава кои ги поставуваат темелите во квалитетното образование и желбата за знаење и тука наставниот кадар треба да биде исклучителен. Како  наставници сите имаме своја улога во процесот на подучување на децата но пред се мора од срце  да се посветиме на нашата  работа и да ја правиме најдобро што можеме. Во спротивно треба да се повлечеме, бидејќи може да направиме штети кои ќе бидат непоправливи“, додава Блажевска.

Настанот се реализираше во соработка со Креативен центар Карпош- КЦК, кој е и партнер организација за поддршка на реализацијата на STEM Discovery Week 2019 со фокус на споделување на добри практики во користење на иновативни СТЕМ ресурси.

СТЕМ образование значи интердисциплинарен пристап на подучување на природните науки. Со што учениците имаат можност полесно да ги совладуваат природните науки, истовремено ваквиот пристап ги подготвува полесно да ви решаваат проблемите од секојдневниот живот.