Сакате да живеете подолго? Да го намалите ризикот од рак и срцеви заболувања? Научниците, по најголемата студија на оваа тема, порачуваат дека треба да возите велосипед до работа.
Истражувањето кое траело пет години опфатило 250.000 жители на Велика Британија кои секојдневно патуваат подолго растојание до работното место. Се споредувале оние кои патувале на физички активен начин (со велосипед или пешачење) и оние кои користеле автомобил или јавен превоз.
Од сите луѓе кои биле дел од истражувањето, 2,430 починале, 3,748 имале дијагноза на рак и 1,110 имале срцеви проблеми. Но, за време на спроведувањето на студијата, редовното возење велосипед го намалувало ризикот од смрт од било која причина за 41%, појавата на рак за 45% и срцеви заболувања за 46%.
Возачите на велосипед поминувале просечно 50 километри неделно, но, колку повеќе возеле, толку се зголемувале и здравствените придобивки.
Пешачењето ги намалувало шансите за развивање на срцеви заболувања, но тоа било поизразено за луѓето кои пешачеле повеќе од 10 километри неделно.
„Ова е навистина силен доказ дека луѓето кои патуваат на работа на активен начин, особено на велосипед, се во помал ризик. На работа треба да одиме секој ден, па ако го вклучите велосипедот во секојдневието, по одредено време, факторот на волја да се вози ова превозно средство исчезнува од равенката. Она што навистина треба да го направиме е да ја менуваме инфраструктурата и да ја направиме поедноставна за велосипедизам. Потребни ни се велосипедски патеки, поедноставно внесување на велосипедите во јавниот транспорт, тушеви на работа“, објаснува за ББЦ Џејсон Гил, еден од експертите кои работеле на студијата.
Луѓето кои комбинирале возење велосипед и јавен транспорт во нивното патување на работа исто така покажале знаци на здравствени придобивки.
Начинот на кој е спроведена студијата, објавена во Британскиот медицински журнал, не може да ги открие точните здравствени причини и последици. Сепак, ефектите постоеле и по корегирање на статистиката за да се отстрани придонесот од други потенцијални здравствени фактори, како пушењето, начинот на исхрана и тежината на луѓето.
Ова значи дека причината за намалување на ризикот од заболување од рак за луѓето кои возат велосипед во студијата не е сведено на намалување на телесната тежина.
„Студијата помага да се истакнат потенцијалните придобивки од активности во секојдневниот живот. Не мора да одите во теретана или да трчате маратон. Се што ќе ве загрее и ќе ве задиши може да направи промена“, смета Клер Хајд од Британскиот центар за истражување на ракот.