Возачите во ЈСП и во иднина ќе продаваат хартиени билети

И покрај бројните најави, предупредувања и информации дека по 1-ви септември хартиените билети во автобусите на ЈСП нема да постојат, тие продолжуваат да се издаваат на патниците.

И утрово патниците во јавниот превоз купуваа хартиени билети кај возачот и ги поништуваат на старите апарати на влезот на автобусот. Ова се случува само два дена откако запре интензивната кампања на ЈСП, во која патниците се информираа за укинувањето на старите билети. Според најавите, плаќањето требаше да биде можно со електронските картички „Скопска“, преку мобилен телефон или кај возачот кој ќе дава фискална сметка, по постоечките цени.

Портпаролот на ЈСП, Костадин Тасевски, вели дека нема да се издаваат фискални сметки, туку за корисниците кои немаат електронски картички продолжува издавањето на хартиени билети за едно возење до крајот на годинава. Од продажба се единствено повлечени хартиените билети за 10 возења.

„Хартиените билети за едно возење, купени кај возачот, остануваат до први јануари поради одложување на единствениот систем за наплата на барање на приватните превозници. Сега за сега нема да има фискални сметки. Тоа е одлука на Советот на Град Скопје од минатата недела, а ние постапуваме според нивните одлуки. Така ќе остане, се надеваме до први јануари, кога системот треба да почне да се применува во сите автобуси во јавниот превоз, доколку не дојде до некое ново одлагање“, вели Тасевски.

Иако една од главните цели од воведувањето електронски систем на наплата беше растеретувањето на возачите во јавниот превоз од издавање билети, надлежните не прецизираат до кога тие ќе наплаќаат и враќаат кусур на патниците без електронска картичка.

„Поентата беше постепено отфрлање на хартиените билети. Сепак кај луѓето настанува проблем при таквите промени. Се надеваме дека во иднина тие целосно ќе бидат укинати“, се правда Тасевски.

Од ЈСП Скопје информираат дека досега се издадени 132.000 персонализирани и преку 16.000 непресонализирани електроснски картички за јавен превоз. Додаваат и дека се прават идејни решенија за нови автобуски линии во соработка со Секторот за сообраќај на Град Скопје.

Пред неколку дена пак, Советот на Град Скопје го прифати барањето на приватните превозници и кај нив го одложи рокот за воведување на системот за електронски билети до 1 јануари, идната година. Одложувањето кај приватниците се правдаше со големите материјални штети што овие автобуси ги претрпеа во поплавите во Скопје.