Удирањето на децата се забранува во Велс, а на луѓето им е кажано да контактираат со социјалните служби или полицијата доколку видат дека родител или старател физички казнува дете, пренесува Гардијан.
Промената на законот, која стапи на сила од вчера, беше поздравена како „историска“ од велшката влада предводена од лабуристите и голем број активисти за заштита на правата на децата, кои повикаа Англија да го следи примерот.
Но, критичарите, вклучително и велшките конзервативци, изразија загриженост дека тоа ќе ги криминализира родителите кои се обидуваат да дадат сè од себе и да се создаде „култура на Штази“ со луѓе што ќе ги „шпионираат“ своите соседи, па дури и да прават злонамерни обвинувања.
Законодавството што стапи на сила ја отстранува „разумната казна“ што беше на сила уште од Викторијанскиот период во Англија и Велс и ги прави незаконски сите форми на физичко казнување на децата, како што се удирање, шлаканици и тресење. Законот ќе важи за сите во Велс, вклучувајќи ги и посетителите.
Џули Морган, заменик-министерка за социјални услуги, која повеќе од две децении води кампања за промена на законот, рече: „Денес е историски момент за децата и нивните права во Велс бидејќи физичкото казнување на децата го правиме минато. ”
Морган ја отфрли идејата дека законот ќе создаде „култура на Штази“.
„Не сакаме луѓето да шпионираат“, вели таа, додавајќи дека грижата за децата е одговорност на целата заедница.
Морган, исто така, рече дека ставовите се промениле во последниве години со сè помалку родители кои денес користат физичко казнување.
„Културата почна да се менува и мислам дека овој закон ќе го зајакне тоа“, додаде таа.
Морган се надева дека Англија ќе го следи примерот на Велс и Шкотска, кои донесоа забрана во ноември 2020 година.
Веб-страницата на велшката влада јасно укажува дека секој што физички казнува дете ќе го прекрши законот и ќе ризикува да биде уапсен или обвинет за напад и може да добие криминално досие.