Во студентските домови слободни уште 1.232 места

Во студентските домови во Скопје и во другите градови во Македонија се слободни уште 1.232 места и за нивното пополнување Министерството за образование и наука објави трет оглас.

Од вкупно 6.369 легла за 2013/2014, по двата огласа сместени се 5.137 студенти.

„Од денеска во печатените медиуми и на веб страницата на МОН е излезен нов, трет оглас за аплицирање за овие 1.232 легла и тој ќе трае до 15 октомври. Овој оглас ќе биде различен од претходните по тоа што ќе важи за сите, односно од прва до петта или шеста година, зависно од типот на студиите, зашто во првите два имаше одвоена категоризација за бруцоши и за останатите. Ова ќе биде отворен оглас и практично на дневна основа ќе биде пополнувањето на студентските домови со студенти на кои тие места им следуваат“, рече министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Во првите два рокови не биле пополнети сите места за студентските легла, откако биле констатирани повеќе невалидни пријави во доставената електронска документација, изјави вчера портпаролот на МОН, Давор Политов за Радио МОФ.