Во Скопје, Тетово, Битола и во Кавадарци се дише најзагаден воздух

Според мерењата на Министерството за животна средина и просторно планирање, загаденоста е најголема во вечерните и ноќните часови. Mерните станици синоќа регистрираа високи концентрации на канцерогените ПМ 10 честички.

Поточно, 250 микрограми на метар кубен во Лисиче и Тетово, 230 во Битола и Кавадарци, во Центар, Карпош и Гази Баба 180 и по 100 микрограми на метар кубен во Миладиновци и кај Ректорат во Скопје.

Концентрациите на ПМ 10 честичките се намалени од утринските часови, но се над дозволените 50 микрограми на метар кубен. Тие се штетни за здравјето на човекот бидејќи навлегуваат длабоко во дишните патишта, оставајќи сериозни последици.

Минатиот месец, над сто проценти зголемено присуство на ПМ 10 честички покажаа мерењата на квалитетот на воздухот во Скопје, односно над 7 000 илјади микрограми од опасните честички на метар кубен. Од министерството тогаш изјавија дека станува збор за грешка, а инструментот за следење на ПМ 10 честичките беше однесен на тестирање за исправност.

Светска банка пак, минатата година ја постави Македонија на петтото место во Европа по стапката на смртни случаи поради загадувањето на воздухот со ПМ10 честички.

Тетово оваа година е на прво место во Европа со многу висок индекс на загаденост според податоците на веб-страницата „Нумбео“ , која собира податоци за загадувањето во градовите во различни категории, додека Скопје е на третото место.