Во Прилеп се одржа петнаесеттото „Поетско Маркукуле“

Петнаесеттото издание на Манифестацијата „Поетско Маркукуле“ викендов се одржа во градот под Марковите кули. „Поетското Маркукуле“ е традиционален настан на кој што учествуваат сите вљубеници во поезијата, а Прилеп беше домаќин на околу 70 поети од целата држава.

Најмладиот поет кој ги сподели своите стихови со публиката, беше на деветгодишна возраст. Присуството на поетите од странство пак беше одложено поради пандемијата.

„Со огромни напори ние како „Клуб на литературни творци”- Прилеп, успеавме да го организираме Поетското Маркукуле 2021 година, со помош на Локалната самуправа Прилеп и Центарот за култура Марко Цепенков кој ни излезе во пресрет за организирање на настанот на платото пред самиот центар бидејќи одржувањето на манифестацијата на Тронот кај Слонот беше невозможна поради ризикот од пожарите. – изјави претседателката на „Клубот на литературни творци” Снежана Паноска.

Секоја година од песните кои се презентирани на настанот се издава Зборник кој наредната година им се подарува на застапените автори. Оваа година на сите учесници им беа доделени благодарници и по еден Зборник од Поетско Маркукуле 2019-та.

„Веруваме дека и следната година ќе бидеме во истиот број, а имаме голема надеж дека следното поетско Маркукуле ќе го вратиме онаму каде што припаѓа на Тронот кај Слонот на Марковите Кули“,  истакна Паноска.

Од 2006-та година до денес оваа манифестација беше прекината само еднаш поради пандемијата од КОВИД 19.  Настанот за прв пат се одржал во 2006-та година во Градската Библиотека по иницијатива на ценетиот прилепчанец, уметникот Љубен Димкароски, а од 2007-ма се одржува на Тронот кај Слонот на Маркови Кули.

Текст: Симона Паскоска

Фотографии: Златко Иконар