Во Охрид се креираат младинските политики во полето на медицината

Македонската медицинска студентска асоцијација – ММСА е домаќин на 64. Генерално собрание на Интернационалната федерација на медицински студентски асоцијации (IFMSA) што оваа седмица се одржува во Охрид.

На форумот учествуваат 870 делегати од 114 земји од светот.  Главна тема на собирот е „Миграција на медицински работици низ светот”.  Работата на Собранието ќе се одвива на пленарни сесии, претседателски сесии, сесии во одборите за јавно здравје, човекови права и мир, медицинска едукација, репродуктивно здравје, студентски и младински размени. Дискусиите од Собранието, потоа ќе бидат претставени пред Светска здравствена организација и Обединети нации.

Интернационалната федерација на медицински студентски асоцијации ја сочинуваат медицински студентски асоцијации од 125 земји членки и има над 1,5 милиони членови. Поддржана е од повеќе меѓународни организации како СЗО, ОН и УНЕСКО. На генералните собранија на Федерацијата се креираат младинските политики во полето на медицината, се склучуваат договори помеѓу организациите, се договараат преку 25.000 студентски размени, се држат обуки од светски признаени предавачи.

Од ММСА како домаќини на самитот очекуваат оваа прилика да ја искористат за склучување разновидни договори за соработка со највлијателните земји членки за проекти од медицинска едукација и за студентски размени. Секоја година преку овие договори се овозможува на околу 70 македонски студенти едномесечна пракса во светските најдобри болници.