Во кои држави и градови е најпопуларно веганството?

Според трендовите на интернет пребарувањата низ светот, во 2018 година веганството, меѓу државите, било најпопуларно во Австралија, а меѓу градовите на прво место се нашол британскиот Бристол.

Истражувањето го направиле од онлајн блогот за храна „Chef`s Pencil“, користејќи податоци од платформата Гугл Тренд за тоа каде луѓето најмногу барале вегански работи – како ресторани, рецепти, храна за кучиња и слично.

Покрај Австралија, меѓу првите пет држави каде имало најмногу интерес за веганство се и Велика Британија, Нов Зеланд, Шведска и Канада.

„Веганството стана многу популарно во Австралија и сè повеќе Австралијци се префрлаат на растителна исхрана. Доказ за тоа е дека Австралија била третиот најбрзорастечки пазар за вегански производи во 2018 според Еуромонитор Интернешнал“, потенцираат од „Chef`s Pencil“

Од градовите, зад Бристол, на второто место се наоѓа американскиот град Портланд, по што следуваат и Единбург, Ванкувер и Сиетл.

„Направете место Берлин и Лондон, Бристол е новата европска и светска веганска престолнина. Иако ова може да биде изненадување за многумина, локалците добро знаат дека градот се претвори во вегански центар. Постојат многу вегански ресторани, кафетерии, вегански фризерски и козметички салони како и активна веганска заедница“, наведуваат од блогот.

Според истражувањето, трендовите на Гугл покажале дека пребарувањата за вегански теми биле на рекордно ниво, со раст од 11% во споредба со 2017 и 35% повеќе од пребарувањата во 2016 година.