Во Дубаи отворен најдлабокиот базен за нуркање

Најдлабокиот базен на светот за подводно нуркање е отворен во Дубаи, каде што луѓето можат да се спуштат 60 метри до пејзаж налик на град и да играат аркадни игри, пишува Ројтерс.

Дубаи, туристички и деловен центар со пустински терен и со жестоки летни температури, има репутација на место со раскошни и рекордни атракции, како што е затворената скијачка патека исполнета со снег, големите водни паркови и највисоката зграда на светот.

Базенот, кој е голем колку шест олимписки базени, е потврден од Гинисовата книга на рекорди како најдлабокиот базен во светот за нуркање. Тој е 15 метри подлабок од кој било друг базен.

Нуркачите пливаат надолу низ пејзажот на потонат град, со звук и осветлување. На патот надолу има две суви простории исполнети со воздух. Посетителите можат да вежбаат нуркање со резервоар со воздух, како и слободно нуркање каде нуркачите едноставно го задржуваат здивот.