Во Англија ќе се тестира првиот Wi-Fi паметен тротоар

Првиот паметен тротоар кој шири безжичен интернет ќе се тестира во центарот на Чешам во Бакингемшир, Англија.

Проектот на Virgin Media ќе им овозможува на туристите и локалните жители да користат интернет со брзина до 166 мегабајти на секунда, односно седум пати побрз од просечниот безжичен интернет во Обединетото Кралство. Корисниците на мрежата ќе можат да спуштаат податоци од 634 мегабајти за само 35 секунди.

Wi-Fi мрежата ќе се наоѓа буквално под нозете на минувачите. Подземните уреди се изработени од комбинација на фибер оптички кабли и современата DOCSIS 3 технологија, со цел да се создаде ултрабрз Wi-Fi сигнал кој може да се шири до далечина од 80 метри.

„Интернетот е срцето на современиот живот и е одлично да се има таква напредна мрежа во Чешам. Ќе ја одржува заедницата поврзана, а и ќе им помогне на луѓето на Чешам да заштедат пари кои би ги потрошиле за интернет на мобилните телефони, а може да биде и клучно делче во сложувалката за вмрежените градови да се движат напред“, вели Cheryl Gillan, претставничка во Парламентот на Обединетото Кралство од градот Чешам.

Пробното користење на „паметниот тротоар“ е дел од многу поширока иницијатива на Virgin Media, кои сакаат да го зголемат користењето на интернет меморија за 10000% до 2025 година.

Извор: IFL Science