ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност за загадувањето во Куманово

ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција за првпат се обрати за проблемот со загадувањето, барајќи од градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, итно да преземе конкретни мерки за намалување на загаденоста во овој град.

Тие велат дека во предизборната кампања СДСМ ветувале мерки за намалување на загаденоста, а во Куманово каде што раководи СДСМ со години не било преземено ништо за решавање на проблемот.

„Во моментов Куманово е најзагадениот град во Република Македонија со концентрација на ПМ 10 честички од 220 микрограми на кубен метар. Очигледно е дека градоначалникот и локалната самоуправа не прават ништо и не преземаат никакви мерки со цел намалување на загадувањето во нашиот град. Да беше спротивно, Куманово денеска немаше да биде лидер во загадување во нашата држава. Сведоци бевме дека СДСМ во изборната кампања ветуваше мерки со кои ќе ја намали загаденоста. Се поставува прашањето зошто во општина со која раководи СДСМ не се преземале овие мерки. Бараме од градоначалникот на општина Куманово, во најкраток можен рок да преземе конкретни мерки за итно намалување на загаденоста. Граѓаните на Куманово заслужуваат одговорна локална власт која сериозно ќе пристапи на решавање на ваквите реални и конкретни“, истакнаа на прес-конференција од ВМРО-ДПМНЕ.