Власта подготвена да разговара со студентите во Хонг Конг

Лидерот на Хонг Конг, Леунг Чун-јинг изјави денеска дека е подготвен да почне разговори другата недела со лидерите на студентите за демократски реформи.

Власта подготвена да разговара со студентите во Хонг Конг

Леунг истакна дека официјалните лица преговарале со студентите преку посредници изминатите денови, но дека властите на Хонг Конг сега се подготвени да одржат разговори за реформите, пренесе МИА.

Демонстрантите изразија незадоволство кога властите го откажаа закажаниот состанок со лидерите на студентите минатата недела.

Полицијата изутрината влезе во судир со демонстрантите на улиците на Хонг Конг, меѓутоа не продолжи да ги отстранува барикадите на активистите поради гневот на јавноста, предизвикан по прикажувањето на снимката, на која се гледа како полицајци со нозе удираат активисти, кои се со лисици на рацете.

Полицијата втора ноќ по ред употреби солзавец против групата демонстранти кои се обиделе да ја окупираат улицата пред владините канцеларии. Двајца демонстранти се уапсени и тројца полицајци се повредени синоќа, соопшти денеска полицијата.

Протестите во Хонг Конг, кои се уште познати и како „чадор револуција“, започнаа пред повеќе од еден месец. Десетици илјади демонстранти ги блокираа улиците на градот со цел да се изборат за демократија притоа користејќи ги чадорите за да се заштитат од солзавец и спреј кои ги испушта полицијата.