Владата планира огромен туристички комплекс и во Градиште

Автокампот Градиште на охридското крајбрежје ќе стане нова туристичка развојна зона налик на онаа која се планира во Љубаништа, пишува Капитал. Државата планира од целокупното земјиште да оформи градежна парцела со површина од 114.156,35 метри квадратни, која подоцна ќе ја продава на приватни инвеститори. Планирано е недопрената природа да се претвори во огромен комплекс со хотели, комерцијални, деловни и угостителски објекти со приземје, пет ката и поткровје.

Сето ова е ставено во Нацрт- извештај за стратегиска оценка врз животната средина за урбанистичко-планска документација, која веќе е објавена на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски. Таму уште стои дека „во претстојниот период треба да се изработи финалната верзија од Извештајот за стратегиска оценка врз животната средина за урбанистичко-планската документација. По ова, треба да следува изборот на компанија што ќе ја изготви Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и елаборатот за заштита на животната средина за туристичко-развојната зона Градиште“.

Сепак, покрај изработената урбанистичко-планска документација, во наредниот период треба да се решаваат имотно-правните односи за оваа примамлива локација. Дел од крајбрежното земјиште во Градиште е во сопственост на приватни лица од Пештани и околните места, кои долги години се обидуваат да си го повратат земјиштето од државата по пат на денационализација.

Владата претходно објави дека ќе го даде и земјиштето во кампот Љубаништа на приватни инвеститори, за изградба на луксузен туристички комплекс. Оваа одлука наиде на негодување кај локалното население, а еколошките здруженија од Охрид покренаа меѓународна петиција за спас на Охридското езеро и Националниот парк „Галичица“ од, како што велат, уништувањето што ќе го предизвикаат владините планови.