Владата најави енергетско-ефикасна обнова на студентските домови до 2025

Владата на вчерашната седница ја усвоила информацијата за Проектот енергетско-ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија.

Рехабилитацијата на домовите предвидено е да започне од Студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, а со проектот ќе бидат опфатени и студентските домови во Прилеп, Битола, Охрид и Штип.

Од Владата соопштија дека заедно со обновата на енергетската ефикасност на зградите и структурното зајакнување, основните мерки за удобност ќе бидат суштински дел од Програмата, како што е реновирање на санитарни инсталации, обнова на електрична опрема, безбедносни мерки, стандардни работни соби, итн. со цел да се подобри средината за живеење и учење за студентите.

„Проектот на Владата претставува капитална инвестиција и влог во нашата иднина. Овој проект има за цел да ги подобри условите за учење и комфор на студентите. Рокот за реализација на овој проект е до 2025 година, а истиот ќе чини околу 24 милиони евра. Средствата за 2021 година се предвидени во Предлог буџетот за 2021 година на Министерството за образование и наука“, изјави портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа.