Владата дозволи отворање на студентските домови

Владата на денешната седница ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести за отворање на студентските и средношколските ученички домови, кои ќе се отворат со почитување на Протоколите за сместување со дополнување дека во една двокреветна соба може да биде само едно лица, додека во соба со повеќе од два кревети може да бидат сместени максимално две лица, информираат оттаму.

На предлог на Минситерството за образование и наука, Владата до Собранието ќе достави предлог-закон за дополнување на Законот за студентски стандард и предлог-закон за дополнување на Законот за ученички стандард.

„Со измените содржани во овие предлог закони, се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), на студентите и на учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата на Република Северна Македонија“, се посочува во соопштението на Владата.

Поради намалениот капацитет на користење на сместувачките легла во студентските домови, од Владата посочуваат дека приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.

Студентите и учениците ќе се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk каде ќе треба да ги внесат потребните податоци и докази, а потоа ќе им се исплаќаат средствата за времетраењето на предвидено со овие измени.